Како Хјустон Рокетс го изградија тимот што изненади

Кошаркарите на Хјустон се најголемото изненадување сезонава во НБА, откако пред-сезоната ја одиграа мизерно и не се засилија значително а завршија како втори на Западот во регуларниот дел.

Кога ќе се погледне летото 2014. година, Хјустон очајно бараше трета ѕвезда во екипата за што направија посебен простор во буџетот на франшизата.

Останаа без Чандлер Парсонс кој замина во Далас Маверикс за ништо, се ослободија од Џереми Лин кого го дадоа во Лејкерс за предност во првата и втората рунда од годинешниот драфт и го трејдуваа Омер Ашик во Пеликанс само за да направат повеќе место во ростерот.

Иако се очекуваше да го засилат тандемот Харден-Хауард со уште една суперѕвезда, Рокетс не успеаа во таа намера само затоа што потенцијалните аквизиции останаа во своите клубови. Кармело Ентони и Крис Бош на по 5-години ги продолжија договорите со своите франшизи и го оставија Хјустон со празни раце. За тие договори, двајцата кошаркари добија многу повеќе одошто би добиле во Тексас.

На крајот, Рокетс мудро го искористи просторот и најде разновидни играчи од целата лига кои добри се вклопија во системот.

Кога останаа без Парсонс, Ракетите го потпишаа Тревор Ариза на 4 години за вкупно 32 милиони долари. Иако јавноста сметаше дека Ариза е стар и не може да допринесе многу, тој ги демантираше на паркетот. Ариза имаше просек од 13 поени и 5 скокови во регуларниот дел и 35% успешност во обидите за 2 поени.

Хјустон ризикуваше и со ангажманот на Џош Смит, на кој Детроит мораше да му исплати 23 милиони долари за раскин на договорот. Смит ги исполни очекувањата и регуларниот дел од сезоната го одигра со солидни 12 поени, 6 скокови и 2 асистенции во просек.

Во септември минатата година, Хјустон го зеде и Џејсон Тери кој требаше да биде замена за повредениот Патрик Беверли. 37-годишниот Тери не само што го замени Беверли туку сезонава стана важна карика од тимот со 9 поени и 3 асистенции во просек и 38% успешност во обидите за три во Плејофот.

Хјустон најмногу погоди со Кори Бруер од Минесота Тимбервулвс кој во Тексас дојде за релативно малку пари. Бруер е продуктивен во Плејофот со 12 поени и три скока во просек по натпревар. Колку е значаен за Хјустон годинава, Бруер покажа во Game 6 против ЛА Клиперс кога уфрли 15 поени во последната четвртина.

Полн погодок се испостави и ангажманот на 38-годишниот ветеран Пабло Приџони. Како и Џејсон Тери, така и Приџони на почетокот од сезоната не фигурираше како важен по Хјустон, но после повредата на Беверли, Аргентинецот заигра редовно. Иако има 38 години и натаму е еден од најдобрите одбранбени играчи во лигата.

Хјустон во моментов игра во финалето на Западот против Голден Стејт. Освен што загубија, синоќа повторно останаа без Двајт Хауард кој веројатно ќе го пропушти следниот меч со Вориорс.