Хрватските легенди Кукоч и Раѓа со аплаузи пречекани во Штарк арена

Партизан загуби од Олимпијакос во 32. коло од Евролигата и прокоцка предност од 13 поени во последната четвртина. Специјални гости беа Дино Раѓа и Тони Кукоч кои добија топол пречек од Гробари. Деца, потпрашајте дома за нив.

И покрај ривалството на сите полиња меѓу Србија и Хрватска, навивачите на Партизан со аплаузи ги испочитуваа легендарните Тони Кукоч и Дино Раѓа.

Дојдоа во Белград за премиерата на документарецот „Магична седмица“, посветен на кариерата на Кукоч и присуството го искористија во живо да го следат мечот меѓу Партизан и Олимпијакос.

Инаку за помладите, Кукоч, Раѓа и Жељко Обрадовиќ играа заедно во дресот на Југославија, која стана светски првак во Аргентина 1990.

Во финалето го совлада Советскиот сојуз со 17 разлика, првенство кое Раѓа го пропушти поради повреда.

Ова трио има и сребрен медал од Олимписките игри во Сеул 1988. 

Кукоч и Раѓа се европски прваци со Југославија 1989 и 1991, освојувачи на бронза од ЕП 1987, како и младински европски У-18 и светски прваци У-19.

По распадот на Југославија освоија уште три медали со Хрватска: сребро на Олимписките игри 1992 и две бронзи на СП 1994 на ЕП 1995.

Зборуваме за двајца кошаркарски тешкаши кои заедно ја почнаа кариерата во Југопластика 1985-та година како тинејџери. Тоа е сегашен Сплит кој игра во АБА лигата. 

Славната Југопластика која дрмаше крајот на 80-те со 4 титули првак на Југославија по ред како и 3 европски круни 89, 90, 91-ва.

Кукоч ги освои сите овие 7 трофеи и беше два пати прогласуван за МВП во Фајнлфорот од Евролигата. Раѓа не ги фати последните две, бидејќи во 1990-та замина во Виртус Болоња. Кукоч една година после него заигра во Бенетон Тревизо.

Уште еден важен податок за помладите. Кариерата во Југопластика ја почна и Пеце Наумовски кој 1990 и 1991-ва ќе ги памети по шесте трофеи или две тројни круни заедно со Кукоч: Титула, Куп во Југославија и Евролига и тоа две сезони по ред.

Инаку Кукоч и Раѓа заминаа во НБА во 1993-та. Кукоч во славниот Чикаго Булс со Џордан, Раѓа во Бостон Селтикс.

29 март 2024 - 08:38