Бледо издание на „Металците“ во Унгарија

Кошаркарите на МЗТ Скопје одиграа далеку под своите можности во втората рунда од новата сезона во регионалното кошаркарско натпреварување. Екипата на Шолнок заслужено стигна до триумф од 81:69.

Во сосема поинакво светло МЗТ Скопје го стартуваше второто коло од регионалната АБА лига против унгарски Шолнок, за разлика од првиот меч против Унион Олимпија. По првите поени на мечот кои ги постигна Тодор Гечевски, гостите возвратија со серија од 8:0, а македонскиот шампион со скромна игра успеа некако да се избори за водство од 14:13 во првиот период.

Кошаркарите на МЗТ имаа уште поголеми проблеми во играта во вторите 10 минути од мечот. Шутираа очајно лошо од сите позиции со помалку од 30% реализација, постигнаа само 8 поени во втората четвртина, а првиот офанзивен скок го остварија дури во последните секунди од првото полувреме. Домаќините од тоа профитираа и на паузата заминаа со водство од 35:24.

Вториот дел од мечот не донесе никакви промени во играта на нашите кошаркари кои во првите 4 минути имаа негатива од десетина коша разлика. Унгарците беа далеку порасположени за шут, погодуваа од сите позиции и во периодот од 24 до 29 минута влегоа во извонредна серија од 14:1 за водство +22.

Избраниците на Вукоичиќ конечно успеаа да фатат ритам и поентираа три пати од линија за три поени. Најпрвин Синовец, а потоа по една тројка на крајот од третата и почетокот на последната четвртина постигна расположениот Костовски.

МЗТ почна полека да ја топи предноста на Унгарците кои се обидуваа со бавна игра да го зачуват големото водство. Проработе раката на Стојановски, а и на Синовец, а македонскиот шампион само за момент ја врати неизвеноста на натпреварот со негатива од само 6 поени на нешто повеќе од 3 минути до крајот.

Но тоа беше премалку од Металците на кои им недостасуваше поагресивна игра. Процентот за шут од поле во второто полувреме го поправија, но невообичаено мечот го завршија со очајни два офанзивни скока. Шолнок повторно се врати во игра и на крајот триумфираше со 81:69. 

Во нашиот табор четворица кошаркари го завршија мечот со двоцифрен број на поени. Најпрецизен беше Дамјан Стојановски со 14, па Синовец со 12, Костовски постигна 11, а Рејнолдс 10 коша.

8 октомври 2013 - 19:47