Америка наострена во финале ги чека Дончиќ или Французите

И покрај бројните проблеми во игратa, поразите во подготвителниот период и неочекуваниот шок од Франција на почетокот на Олимпијадата, САД стигна до големото финале во Токио каде во недела ќе игра за четврто злато по ред!

Во полуфиналето кое рано утрово се одигра во Токио, Америка со 97:78 ја растури Австралија иако воведниот дел од мечот не најавуваше таков резултат на крајот и изгледаше дека може да има сензација.

„Кенгурите“ добро го отворија мечот и набрзинка стекнаа 8-9 поени предност а во средината на втората четвртина имаа дури и убедливи +15 поени.

Американците предводени од Дурент до полувремето ја намалија негативата на само -3 а во вториот дел по една страшна серија 20-0 кога Австралија цели седум минути не даде кош, го презеде водството и не го испушти до крај.

Лидер кај САД беше Кевин Дурент со 23 поени и 9 скока, а Девин Букер додаде 20 поени (4/5 за три поени). Тандемот од Милвоки Бакс, Крис Мидлтон и Џру Холидеј уфрли по 11 поени.

Кај Австралија очекувано најефикасен беше Пети Милс со 15 коша и дури 18 асистенции, Данте Ексум уфрли 14, а Џок Лендејл 11 поени.

Од 13 часот играат Словенија и Франција во второто полуфинале кое ќе го даде ривалот на САД во финалето закажано во недела.

Австралија по трет пат по ред ќе се бори за трето место и бронза на еден голем турнир. Претходно губеа на Олимпијадата во Рио 2016 и на Светското првенство во Кина 2019.