Златен медал од Светско за кокаин

Соиграч на Пеле од бразилската фудбалска репрезентација која го освои Мундијалот во Мексико го продал златниот медал за кокаин.

Патот од пробување дрога до секојдневна употреба е маршутата по која одел Пауло Цезар, член на славната генерација на Кариоките од 1970. година.

„Немав никаква контрола над себе. Не требаше да го продадам драгоцениот медал. Тоа ми е страшен губиток. Не сум кажал на никој, но сега признавам“, изјави Цезар.

Пауло Цезар играше во најголемите бразилски клубови Ботафого, Фламенго, Флуминенсе, Гремио, Васко де Гама и Коринтијанс. Според сопственото признание, Цезар се навлекол на кокаин кога играл за Марсеј во сезоната 1974/1975. Со зависноста се борел цели 17 години, а во меѓувреме освен златниот медал поради дрогата загубил и три стана.

„Мене тогаш најважен ми беше кокаинот. Медалот не ми беше важен и ништо не ми значеше“, искрено зборува 65-годишниот Цезар.

На Мундијалот во Мексико 1970. година, Пауло Цезар одиграл пет натпревари за Бразил, но ги пропуштил полуфиналето и финалето. За Кариоките одиграл вкупно 57 натпревари и постигнал 10 голови. Клупската кариера ја завршил во Аикс ен Провенс во сезоната 1982/1983, каде докторот му рекол дека наскоро може да умре ако не го смени начинот на живот.

20 април 2015 - 15:33