Забавата во ФА Купот, Мурињо држел говор во ресторан за свадби, Клоп шпионирал

Ширум светот минатиов викенд се одиграа стотици фудбалски средби, но големо внимание привлече мечот во едно градче на Ирското море во Англија по чии плажи шета Карло Анчелоти и на чиј стадион синоќа шпионираше Јирген Клоп.

Во 3. руна од англискиот ФА Куп играа Марин, мало клубче од осмата англиска лига во хиерархијата и Тотенхем. Гигантот од Лондон очекувано, лесно победи со 0:5 но оваа средба ќе се памети по други нешта.

Марин ФК е клуб стар 126 години, но никогаш не се прославил како деновиве, пред и после мечот со славниот Тотенхем во ФА Купот. Веднаш по триумфот во претходната рунда против Хавант енд Вотерлувил во 2. коло, голманот Бејли Пасант го пратиле да земе пиво од продавница.

Тој со се дресот, опремата и папучи на него шетал по маалото со пакет пива.

Англискиот ФА Куп често дарува убави приказни, но обично буката ја прават екипи од трета и четврта лига. Уште никогаш во историјата еден од лидерите во Премиер лигата не се сретнал со екипа од толку слаб и низок ранг.

Меѓу Тотенхем и Марин има 160 места во фудбалската хиерархија на Англија и тоа е рекорд на 3. рунда од ФА Купот.

На стадионот на Марин, гостинската соблекувална е мала и тесна, па фудбалерите на Тотенхем го слушале Жозе Мурињо во поголемиот ресторан на стадионот кој се вика Arriva Suite, кој собира 150 луѓе и е предвиден за свадби, родендени, прослави. Салата на ден може да се изнајми со диџеј за 160 фунти.

„Обично во овој ресторан се пресоблекуваме ние. Сега тие ќе се тушираат во гостинската соблекувална а поудобно ќе им биде да се пресоблекуваат во ресторанот“, рекол тренерот на Марин Нил Јанг.

На играчите и стручниот штаб на Тотенхем им бил интересен секој детал. Тие многу ретко скоро никогаш не играле на вакво стадионче. Нивната ултра модерна арена чини милијарда фунти, а Марин обично рачно ги менува буквите на таблата за следен меч:

Како што клупите за тренери и резервни играчи се мали, Марин се снаоѓа со столици од ресторанот

Мечот со Тотенхем беше затворен за навивачи, но големиот клуб од Лондон ја поддржал иницијативата да има продажба на карти со цел домаќинот да заработи нешто во ситуација кога стадионите се затворени.

Интересно, стадиончето на Марин има две мали трибини зад головите, а од страна се балконите од локалните куќи чии жители синоќа уживале во меч со големите ѕвезди на европскиот фудбал. 

Стадиончето „Росет Парк“ има 400 седечки места. За 106 години откако е изграден, видел многу аматерски фудбал (до 1974-та година Марин играл само аматерски). Победиле еднаш во аматерскиот Куп на Ливерпул и првенството на регионот Чешир, но никогаш не победиле во 3. рунда од ФА Купот.

МАРИН Е ОД КРОСБИ, МЕСТО ВО КОЕ ЖИВЕЕ КАРЛО АНЧЕЛОТИ

Марин ФК е клуб од Кросби, своевидно предградие на Ливерпул, на самиот брег на Ирско море. Во Кросби живеат 50.000 луѓе а меѓу нив и Карло Анчелоти, тренерот на Евертон кој тука го поминал цел пролетен локдаун во Англија.

„Кросби е многу убаво место. Близу до морето, има прекрасна долга плажа. Уживам кога шетам тука или возам велосипед. А уште и скулптурите Гормли кои многу ми се допаѓаат“, рекол Анчелоти во едно интервју за Њујорк Тајмс.

Италијанскиот тренер мислел на интересните скулптури на британскиот скулптор Ентони Громли. Познати под називот „Друго место“, околу стотина фигури со висина од 189 сантиметри се појавиле на плажата во Кросби во 2005-та. Требале да останат 16 месеци па да ги преселат во Њујорк, но статуите останале.

Сега „Друго место“ е најголемо обележје на градот Кросби иако на фотографиите статуите при пуста плажа изгледаат језиво.

ЛИВЕРПУЛ МУ ПОМАГАЛ НА МАРИН СО ТАКТИКА ЗА ТОТЕНХЕМ, А ЕВЕРТОН МУ ЈА ОТСТАПИЛ БАЗАТА

Во сезоната 1992/1993 Марин ФК стигнал исто до 3. рунда од ФА Купот каде испаднал од Кру Александрија (3:1) на гости.

Во клубот биле горди на ова достигнување а сега уште повеќе што го пречекаа Тотенхем. Никогаш овој клуб немал прилика да игра со ривал од така високо ниво, па осмолигашот го помагал цел Мерсисајд.

Тренерот Нил Јанг раскажал дека Ливерпул им организирал видеоанализа на противникот.

„Просто ни ги отворија очите. Да се разговара со аналитичарите на Ливерпул, видов нов свет. Седев на мечот на „црвените“ против Тотенхем заедно со легендите Алан Кенеди, Фил Нил, Дејвид Фејркло. А кога Боби Фирмино во последна минута даде гол, полудев од среќа“, вели тренерот на Марин кој е голем навивач на Ливерпул.

Единствен играч од составот на Марин кој некогаш играл против екипа од Премиер лига е централниот стопер Дејвид Рејвен кој дури и еднаш заиграл за Ливерпул во 2005-та. Истрчал 23 минути на терен со Џерард, Карагер и Мориентес против Саутемптон. Тогаш имал 20 а сега со 35 е лидер на Марин.

Останатите фудбалери се воглавном деца на Транмере (друг клуб од Мерсисајд, четвртолигаш) или од академијата на Ливерпул.

„Сигурен сум дека ќе биде јак натпревар. Сите тука се среќни што ќе видат таков клуб во овој мал град. Можно да се каже и село“, рекол Карло Анчелоти.

Италијанецот дури и му пратил смс порака на Нил Јанг, тренерот на Марин и му честитал пласман во 3. рунда. Евертон дури и му ја отстапил тренинг базата на Марин, а играчите тренирале и во кампот на Ливерпул.

ФУДБАЛОТ НЕ ИМ Е ГЛАВНА РАБОТА, МЕЃУ НИВ ИМА БЕРБЕРИ И ЃУБРЕЏИИ, А ТРЕНЕРОТ РАБОТИ НА ЖЕЛЕЗНИЦА

Малиот ФК Марин е финансиран од здружението на локалните навивачи и од туристичката агенција Marine Travel, па мечот со Тотенхем требал да донесе огромен прилив на пари.

И така и бидна.

Клубот живее мошне скромно. Фудбалерите добиваат по 200 фунти неделно (околу 13.600 денари), иако просечната неделна (не месечна) плата во Велика Британија е 510 фунти (34.800 денари).

Многу од фудбалерите имаат и друга работа. Например бекот Џош Соломон-Дејвис помага во борбата со коронавирусот во националниот систем за здравство. Стоперот Џејмс Џојс работи во авто-завод, напаѓачот Нејл Камингс е професор по фискултура, капитенот на Марин и голем навивач на Арсенал Џејмр Бериган работи во комунална хигиена, а тренерот Нил Јанг на железница.

За време на локдаунот и Марин ФК изгубил приходи од продажба на карти за натпреварите, па управата решила да компензира за загубеното.

„На плати трошиле 100-130.000 фунти годишно. Само за пренос од мечот со Тотенхем ќе добиеме 75.000 фунти од BBC One. Нашите претходни натпревари не ги пренесуваа“, вели генералниот директор на клубот Пол Лири.

НЕ ИМ ДОЗВОЛИЛЕ ПРОДАЖБА НА КАРТИ СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, ПА КЛУБОТ ПРОДАЛ РЕКОРДНИ 20.000 ВИРТУЕЛНИ ВЛЕЗНИЦИ

Круна на оваа приказна е љубовта кон фудбалот во Англија. На еден месец пред мечот меѓу осмолигашот и гигантот Тотенхем, двата клуба организирале разни акции иако свесни дека нема да има гледачи поради затворените стадиони.

Управата на Марин била разочарана што нема да може да има публика на овој историски меч. На крајот пуштиле продажба на виртуелни карти по 10 фунти. Продадени биле околу 20.000 карти од кои повеќето од навивачи на Тотенхем кои сакале да го помогнат осмолигашот.

При продажбата на влезници се организирала и лотарија - победникот како награда ќе добиел право да биде тренер на екипата на еден од предсезонските натпревари за следната сезона, ќе добиел дрес со автограми од сите играчи, две сезонски карти.

Марин ФК продал и осум спонзорски пакет влезници за ВИП местата на трибините. На крај заработиле околу 300.000 фунти од продажба на влезници, од спонзори и од донатори.

Натпреварот надвор од оградата го следел и Јирген Клоп кој го снимал Тотенхем

Спарс победија 0:5 со 3 гола во првите 32 минути и со хет-три на Португалецот Карлос Винисиус, по еден гол на Лукас Мура и 16-годишниот дебитант Алфи Девин кој доби шанса од Мурињо.