Старо аро се враќа, му се игра фудбал

15 месеци му требаа на легендарниот Ривалдо да сфати дека не може без фудбалот, по што реши да заигра повторно за клубот Моги Мирим каде е претседател.

Поранешниот добитник на Златната топка се враќа на фудбалот. На 43 години, освојувачот на Мундијалот со Бразил изјави дека полека се спрема да му помогне на својот клуб Моги Мирим.

„По многу натегања и анализи за и против, одлучив да ѝ се приклучам на екипата. Тоа не значи дека сигурно ќе играм, затоа што отсустввуав од теренот долго време. Престанав да играм фудбал пред 15 месеци. Коленото ми е добро, можеби ќе можам да помогнам на некој натпревар. Ќе одлучам точно што и како откако ќе продолжам со тренинзите“, изјави некогашниот идол на навивачите на Барселона.

Во меѓувреме од Бразил стигна веста дека и Роналдињо ќе му се врати на фудбалот во татковината. Откако ја заврши авантурата во Мексико со Кверетаро, Роналдињо е спремен да се врати во Бразил. Поранешниот добитник на Златната топка во моментов има 35 години и е на чекор од Васко да Гама.

„Во моментов работиме на договорот. Прецизиравме 90% од деталите и сè би требало да се заврши со потпис на договорот“, изјави Еурико Миранда, претседателот на Васко да Гама.

Роналдињо последнава сезона во Мексико постигна 8 голови на 25 натпревари, а покрај Васко да Гама за неговите услуги е заинтересиран и турскиот Анталијаспор кој веќе донесе една ѕвезда.