Со помалку „Тики така“ до поголема ефикасност

Иако е многу рано за ваков тип на статистика шпанските медиуми веќе почнаа детално да ја анализираат досегашната работа на Каталонците под водство на Херардо Мартино. До сега таа покажува дека со помалку пимплање на топката фудбалерите на Барселона се поефикасни.

Поседот на топката е главното оружје на Барселона во изминативе неколку години. Почна со Пеп Гвардиола, продолжи со неговиот помошник Тито Виланова, но некако се намали со новиот аргентиски стратет Мартино, а сепак тоа носи повторно резултати.

Каталонците се на врвот на табелата со максимални 4 победи на кои постигнаа 14 и примија 4 гола. Истиот учинок го има и Атлетико Мадрид, а со по 10 бода и помала ефикасност заостануваат Виљареал и Реал Мадрид.

Во воведното коло актуелниот шампион на Шпанија ја најави својата доминација со 7 парчиња во голот на Леванте, потоа на гости славеше против Малага со 1:0, но последните две тешки победи од 3:2 против Валенсија и Севиља беа доволна причина за Sport.es да почне да ја анализира играта и резултатите на Барса.

На гостувањето на „Местаља" Меси постигна хет трик уште во првото полувреме, но во последните 2 минути од првиот дел Постига одговори со два гола. Барселона имаше предност од 2:0 и против Севиља, а во последните 10 минути од мечот гостите стигнаа до 2:2.

Првиот кој почна отворено да зборува за грешките во одбраната на Барселона е Виктор Валдез кој се пожали на дефанзивците од последниот меч против Севиља, а шпанскиот весник смета дека за сега во играта Барселона има проблеми да ги поврзе линиите со топката.

Играта на Гвардиола и Виланова повеќе се движела во хоризонтална линија, односно задржување на топката подолг период, додека со Мартино Барса повторно има посед на топка, но не создава толку долга и доминанта игра за да го "исфрли" противникот од игра, туку веднаш напаѓа опасно во вертикала.

Тоа го потврдуваат со бројките од последните два проблематични дуела споредено со истите противници со кои играле претходните две сезони. Барселона на последниот дуел против Севиља имаше 118 офанзивни додавања, 63,11% посед на топка и 706 успешни пасови.

Минатата сезона против истиот противник со Виланова Каталонците победиле со 2:1 и имале 123 офанзивни додавања, 66,26% посед и 816 успешни пасови. Една година пред тоа под водство на Гвардиола немало голови, но Барселона била уште подоминантна со 126 додавања во нападот, 76,25% посед на топка и 830 успешни пасови.

Слично е и со гостувањето на „Местаља" пред две кола каде Барселона иако триумфираше со 3:2 имала помалку успешна статистика во своја корист за разлика од ланскиот дуел кој се одиграл во 22 коло и завршил 1:1.

Послабите статистички бројки на Барселона кои за сега повторно се во нивна корист и брзо примените 4 гола на последните два дуела не се доволни и е рано да се каже дека нешто не оди. Барселона е повторно ефикасна со 14 гола на 4 меча со максимален број на поени, а досегашната игра на новиот кормилар од Аргентина и оваа сезона за сега носи само победи.

18 септември 2013 - 17:54