Снајдер во Реал Мадрид го утнал друштвото

Холандскиот фудбалски ас кој заедно со Пандев ја славеа историската тројна круна во Интер, утре ќе ја објави својата автобиографија. За делот од кариерата поминат во Реал, има неочекувано признание за споделување со светот.

Весли Снајдер беше втор од тројцата Холанѓани кој заедно со Ројстон Дренте и Ариен Робен потпишаа за Реал Мадрид во сезоната 2007/2008. Го купија од Ајакс каде инаку ја почна кариерата во 2002-ра, за сума од 27 милиони евра.

На првиот меч го реши градското дерби, на вториот му даде два гола на Виљареал од кои еден од слободен удар, а на крај и се радуваше и на титулата.

Но и покрај тоа, Снајдер во својата автобиографија не крие дека на Бернабеу не го искористил целосниот свој потенцијал и открива како неговиот живот надвор од теренот донекаде ги нарушувал неговите настапи.

„Бев млад, ми годеа успесите како и тоа да бидам центар на внимание. Но лоши работи ми се случуваа таму. Не беше дрога во прашање, туку алкохол. Се навикнав да живеам како ѕвезда.

Бев обожуван како играч на Реал Мадрид, кога излегував трошев илјадници евра и честев многу луѓе. Не можам да кажам дека бев лишен од нешто.

Играв прилично добро, но се зборуваше дека можев да бидам уште подобар. Тогаш не сфатив дека шишето водка ми е најдобар пријател. Следниот ден станував како ништо да не било.

Продолжив да тренирам, но се влошував и бев помалку фокусиран. Се лажев себе си, велејќи дека сè се одвива добро и се криев во мојата фудбалска интелигенција.

Физички потонав, трчав помалку и се повеќе се криев од мојот тренер. Мислев дека никој нема да забележи“, признава Снајдер.

Тој е инаку продукт на академијата на Ајакс, а во 2010-та ФИФА го прогласи за еден од најдобрите тројца играчи од среден ред во светот.

На 12 август минатата година соопшти дека се повлекува од фудбалот како играч на Ал Гарафа од Доха и почнува да работи во Утрехт.

25 јуни 2020 - 14:10