Финале на ЛЕ

Севиља за рекорд, Днипро за сензација

Тимот од Андалузија вечерва од 20:45 во Варшава ќе игра за апсолутен примат во ова натпреварување кое го освојуваше три пати, а украинскиот Днипро ќе се обиде да стави круна на фантастичната сезона.

Севиља го освои УЕФА купот во 2006 и 2007 година под водство на Хуанде Рамос, човек кој подоцна го тренираше Днипро, вечерашниот противник на Шпанците. Минатата година, во Торино против Бенфика, Севиља по трет пат во историјата го крена пехарот во Лигата на Европа.

Покрај големите парични награди, Севиља и Днипро ќе играат и за директен пласман во Лигата на шампионите, откако УЕФА одлучи победникот следната сезона да игра во групната фаза на ЛШ.

Во случај да слави вечерва, Севиља би можела на шпанскиот фудбал да му донесе уште едно место во Лигата на шампионите или вкупно пет што би бил своевиден рекорд во европскиот фудбал.

Од друга страна, Днипро ја игра најдобрата сезона во клупската историја. Градот Днипропетровск е оддалечен 120 километри од кризните подрачја зафатени со граѓанска војна во Украина, така што екипата патуваше 500 километри до Киев каде ги играше европските натпревари. Од плејоф дуелот со Хајдук Сплит, до полуфиналето против Наполи, фудбалерите на Днипро одиграа 19 натпревари далеку од својот дом.

Севиља има 10 победи на 14 натпревари сезонава го ЛЕ. Загубија само од Феенорд на гости, а непобедливоста им трае цели девет меча со гол разлика 26-13. По три трофеи во Купот на Уефа (денешна ЛЕ) имаат Јувентус, Ливерпул и Интер, така што Севиља ќе има можност да стане единствен тим со најмногу трофеи.

„Благодарение на овој турнир и напорната работа нашиот клуб стекна углед во Европа. Ние зазедовме место во историјата и сме признати во цела Европа. Знаеме дека имаме шанса за четврта победа во Лигата на Европа. Но тоа не треба да преставува притисок за нас, туку треба да ни послужи како дополнителна мотивација или сон што може да се оствари. Днипро е вистинско откритие во Лигата на Европа. Тие победија неколку силни клуба и заслужија да играат во финалето. Ние ги третираме со почит. Ние сме скромни и не се сметаме за фаворити", изјави Емери.

Можни состави:

Днипро - Бојко, Федецки, Даглас, Чеберјачко, Лео Матос, Канкава, Ротан, Федорчук, Матеус, Конопљанка, Калиниќ.

Отсутни - Мазуч, Зузулија.

Севиља - Рико, Коке, Карико, Колоџјак, Тремулинас, Мбиа, Кришховијак, Алеикс Видал, Банега, Витоло, Бака.
Отустен: Пареха.

27 мај 2015 - 10:16