Првпат после 40 години играч премина од Рома во Лацио

На Шпанецот Педро, детето на Барселона кој направи врвна кариера па играше во Челси и освои еден куп трофеи каде и да играше, му се падна да биде запишан во историјата како прв фудбалер после скоро пола век кој направил трансфер меѓу двата вечни римски ривали.

ИСТОРИСКИ ПРЕМИН ОД ЕДЕН ВО ДРУГ РИМСКИ РИВАЛ

Цели 40 години немало директен трансфер од Рома во Лацио или обратно. До толку е големо ривалството што ниту играчите, ниту тренерите ниту луѓето од управите не размислувале некогаш да потпишат договор со омразениот противник.

Последен пат кога еден играч го заменил дресот на овие два клуба било во 1981, кога Карлето Пероне преминал од Лацио во Рома.

Неколку години претходно се случил трансферот на Чичо Кордова кој од „џалоросите“ отишол меѓу „бјанкочелести“.

Низ историјата се забележани малку вакви трансфери меѓу клубовите од главниот град. Во ’50-те години од минатиот век шведски центарфор Селмосон отишол од Лацио во Рома, а во историските архиви запишан е и трансфер од далечните ’30-ти години кога светскиот шампион Атилио Ферарис од Рома преминал во Лацио.

Фулвио Бернардини во тој период, во 1930-те години играл прво за Лацио па за Рома, но две години во меѓувреме настапувал за Интер. Слично било и со Лионело Манфредонија во ’70-те и ’80-те години. И тој прво играл за Лацио па за Рома.

Во скоро време ги паметиме Анџело Перуци, Синиша Михајловиќ и Диего Фузер да го сменат дресот на едниот римски клуб со ривалскиот, но само после подолга авантура во други клубови во меѓувреме а не директно од Лацио во Рома или обратно.

ТРЕНЕРОТ НА ЛАЦИО САРИ ГО ДОБИВА ПОСАКУВАНОТО ЗАСИЛУВАЊЕ СО КОГО СОРАБОТУВАШЕ ВО ЧЕЛСИ

Кориере дело Спорт меѓу првите ја лансираше веста за трансферот на Шпанецот Педро од Рома во Лацио.

34-годишниот Педро кој во кариерата освои Европско и Светско првенство со Шпанија, 3 пехари во Лига на шампиони, 5 шампионски титули во Ла Лига,, 1 во Премиер лига, 1 во ФА Куп, 3 трофеи во Копа дел Реј и шпански Супер Куп, 3 УЕФА Супер Купа и 2 Светски клупски првенства, веќе се договорил со Лацио за личните услови.

Шпанецот прифатил намалена плата во однос на она која што ја заработувал во Рома каде лани одигра 40 меча, постигна 6 гола и имаше 7 асистенции. Неговиот договор со Рома истекуваше во 2023-та но го раскинале со заеднички договор (не на штета на една страна) па Педро во новата сезона ќе игра за Лацио.

Жозе Мурињо не го гледа некогашниот фудбалер на Барселона и Челси во своите планови па затоа управата решила да се ослободи од него. Рома, која е во сопственост на американската компанија Фридкин, во следните две сезони ќе требала да му исплати 8 милиони евра доколку Педро останел во составот.

Интересно на „волчицата“ и одело во прилог крилниот напаѓач да остане во италијански клуб зошто во случај да направел трансфер во странство, Рома ќе требала да плати 2 милиони евра во италијанскиот даночен систем. 

Од друга страна Лацио добива искусен фудбалер на кого најмногу инсистирал тренерот Маурицио Сари кој соработуваше со Педро во Челси

19 август 2021 - 10:46