Претседателот на Олимпијакос, Маринакис има коронавирус

Контроверзниот грчки бизнисмен, Евангелос Маринакис, сопственик на фудбалските клубови Нотингем Форест и Олимпијакос од Пиреја, соопшти дека е заразен од коронавирус.

Маринакис (52), човек со сериозна биографија во грчкиот фудбал, од мај 2017 година го купи пакетот мнозински акции во некогашниот европски шампион Нотингем Форест, денес член на англиската втора лига - Чемпионшип.

Тој минатиот петок бил присутен на стадионот за време на мечот Нотингем Форест - Милвол (0:3). Тој во меѓувреме имал и средба со тимот и се сликал со неколку навивачи. На натпреварот имало 27.307 присутни гледачи.

На 27 февруари Маринакис бил присутен и на стадионот „Емирати“ во Лондон каде неговиот Олимпијакос направи сензација и го победи Арсенал во Лига Европа.

„Новиот вирус ме „посети“ и мене и чувствувам должност да ја известам јавноста за тоа. Се чувствувам добро и ги преземам сите неопходни мерки и дисциплина по препорака на докторите. Цврсто ги советувам сите мои сограѓани да го направат истото. На сите им посакувам брз опоравок“, напишал Маринакис на својот Инстаграм профил.

Во четврток Олимпијакос треба да игра во Лига Европа против Вулверхемптон, а УЕФА веќе соопшти дека и тој, како и речиси сите останати натпревари од Лига на шампиони и Лига Европа ќе се играат без присуство на публика поради ризик од ширење на коронавирусот.

Според Daily Telegraph, Маринакис пред мечот со Милвол минатиот петок, ја посетил соблекувалната и се ракувал со играчите. Коронавирусот, според СЗО се пренесува и преку ракување, така што сите фудбалери на Нотингем Форест ќе бидат потврграни на тестирање.

„Милвол е свесен за новистите и ќе преземе соодветна медицинска надлежност и совети. Сите потребни мерки се преземени“, соопштија од клубот кој играше против Форест.

Коронавирусот може да биде присутен во телото 14 дена пред да се појават симптоми од ова заболување.

Се огласија и од Арсенал:

„Нашиот домашен меч со Олимпијакос се одигра во четврток на 27 февруари и никој од нашиот штаб кој бил во контакт со него (Маринакис) на тој натпревар, не пријавил никакви симптоми од тогаш. Продолжуваме стрикно да ги следиме протоколот за коронавирусот и препораките од владата и здравствените институции“.

10 март 2020 - 14:42