Последниот диктатор од Европа кој ќе го спасува Фулам

Поранешниот стратег на Баерн Минхен кој викендов ќе дебитира на клупата на последнопласираниот клуб од Премиер лигата, со својот метод на работа или ќе го извлече клубот од калта или бадијала ќе ги исцеди своите фудбалери. Трето нема.

Феликс Магат кој пред една недела беше назначен за нов тренер на Фулам доби тешка задача, а тоа е на 12 кола до крајот на сезоната да го спаси клубот од испаѓање. Интересно е што тој е првиот германски стратег кој ќе води клуб од Премиер лигата, а ова ќе биде неговото прво тренерско искуство надвор од Германија.

Но за Магат има уште позанимливи работи, а тоа е неговиот нездрав начин на работа со своите играчи кои ги мачи на тренинзите како коњи. Тоа најсликовито го опишува претседателот на Баерн Минхен.

„Со неговиот медот на работа тој ги преминува границите на физичката подготвеност на играчите. За него најприродно е да го исцеди телото на фудбалерот како лимон се до последната капка. Тие може за момент да живнат, но на долг рок тоа доведува до катастрофа. Неговиот начин на работа нема никаква врска со остварување на резултати. Јас никогаш не би третирал некој човек така како што го прави тоа тој“, вели Ули Хенес.

Некои играчи се вели дека му го дале прекарот Садам, по Садам Хусеин, а поранешниот член на Ајнтрахт Франкнфурт, Башру Салу за него изјави дека бил последниот диктатор на Европа.

Феликс нема воопшто лоши резултати. Во 2005 и 2006 година со Баварците ја освои двојната круна во Германија, а пред пет години Бундес лигата ја освои и со тимот на Волсбург. Според неговото обраќање во англискиот печат, ќе си тера по старо.

„Зошто нешто да менувам во моите тренинзи? Јас сум најтрофејниот тренер во Германија. Досега сите ги преживеаа моите тренинзи, никој не умрел. Прашајте го Раул за мојата работа, прашајте ги добрите играчи и ќе ги добиете вистинските одговори. Јас сум добар момак“, изјави фрикот за работа.

21 февруари 2014 - 17:53