Пандев заминал од Неапол поради Бенитез

Долгогодишниот агент на Горан Пандев, Карло Палавичино вербално го нападна шпанскиот тренер на Наполи, за кого вели дека е главен виновник што Македонецот не заработил повеќе пари во кариерата.

И покрај победата во последната минута против Џенова на гостински терен, во Наполи и понатаму не е мирно, а небесно-сините никако не успеваат да се помират со фактот дека испаднаа од Лигата на шампионите од Атлетик Билбао, така што во клубот владее не баш ведра атмосфера.
 
Според агентот на Пандев, Карло Палавичино, тренерот на Наполи Рафа Бенитез е исклучителен виновник што Македонецот немал доволно минутажа во екипата која не знае да ја води.

„Не е способен да води клуб во Серија А. Не знае да го крене расположението во екипата и е главен виновник што Горан си отиде од Сан Паоло“, вели Палавични во изјава за Газета дело спорт.
Откако не успеа да се избори за стандардно место во екипата, а често не беше ниту на клупата за резервни играчи, на Пандев не му преостана ништо друго, туку по 13 години да замине од Италија.
 „Доаѓањето на Бенитез на местото на Мацари значеше и крај на авантурата на Македонецот во тимот на Наполи. Само да ве потсетам дека Пандев се откажа од многу подобри финансиски понуди, само за да игра во Неапол. За таа опција бев и јас, затоа што бев сигурен дека ќе му одговара и местото и екипата и околината“, констатира Палавичино, кој брзо се договорил со Галатасарај околу услугите на Пандев.
Во неделата, некогашниот играч на Беласица, Лацио и Интер потпиша 2-годишен договор со Галатасарај, а Наполи од трансферите на Џемаили и Пандев заработи 4 милиони евра.
 
Пандев денес го одработи првиот тренинг со новиот клуб, а во интервју за турските медиуми вели дека со нетрпение го чека своето деби и градското дерби против Фенербахче.
 
2 септември 2014 - 16:27