Деле Али ограбен со нож на лице среде својот дом

Домот на светски познатите спортисти е една од главните цели на лоповите во наше време. Но обично крадците провалуваат додека целото семејство е на стадион и го гледа натпреварот на кој игра нивниот сопруг, татко, брат.

Во изминатите неколку години, голем број познати фудбалери на Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Јунајтед, Јувентус и други клубови, беа мета на провалници кои од нивните домови крадеа вредни предмети, најчесто накит и часовници.

Во Лондон во ноќта во вторник кон среда, двајца маскирани мажи провалиле во домот на Деле Али (24), англиски репрезентативец и еден од најдобрите фудбалери во Премиер лигата.

Фудбалерот живее во Северен Лондон а во моментот кога крадците влегле, во куќата имало пет лица: Деле Али, девојка му Руби Меј, Хари Хикфорд (најдобар другар на Али), девојка му на Хикфорд и уште еден нивен другар.

Сè се случило во неколку секунди. Напаѓачите се заканиле со ножеви и дури го удриле Деле АЛи во лице, но како што соопшти полицијата, тој не е тешко повреден и не му требала хоспиталзиација.

„Ви благодарам за сите пораки. Ужасно искуство, но ние сме добро. Ви благодарам на поддршката“, напиша Деле Али на Твитер. 

Полицијата соопштила: „Двајца мажи провалиле во дом во Северен Лондон и украле неколку вредни предмети и побегнале. Во моментов лицата не се уапсени“.

Фудбалерот на Тотенхем добил поддршка и од својот клуб: „Му пружаме поддршка на Деле и каква помош и да треба. Ги повикуваме сите кои имаат некаква информација да и помогнат на полицијата во истрагата“.

Чудно е што Деле Али, кој бил во изолација со своите пријатели, немал баш леснодостапен дом со излез на улица. Неговата куќа е заштитена со висока ограда и камери за видео-надзор чии снимки веќе се предадени на полицијата.

Иако многумина се чудат што во време на самоизолација и карантин во домот на Али имало толку многу луѓе, сепак тој скоро како да живее во замок вреден 2 милиони фунти.

Англискиот репрезентативец имал мошне тешко детство. Тој живеел и растел со мајка му Дениз затоа што татко му се преселил од Англија а на 13 години за да полесно оди на тренинг, Али се преселил во домот на семејството Хикфорд.

Фактички ова семејство му станало примарно иако мајка му не ги изгубила родителските права. Хикфорди дури биле и на Светското 2018 во Русија за да го гледаат нивниот Деле.

Хари Хикфорд (23) е поранешен фудбалер. Тој тренирал исто во МК Донс со Деле, но за разлика од него не напредувал, туку продолжил во помали клубови и во 2017-та ја завршил кариерата во аматерскиот Бишопс Сторфорд.

Ова е втор сериозен напад на играч од Премиер лига сезонава. Пред неколку месеци Сеад Колашинац и Месут Озил беа нападнати од напаѓачи вооружени со ножеви, но Колашинац тогаш успеа да го одбие нападот и да побегнат со Озил. Напаѓачите подоцна беа откриени и едниот доби 10 години затвор.

14 мај 2020 - 12:24