Панчев: Одредени работи што сум ги направил, сè уште друг никој не ги направил

„Во овие 70 години ниту еден друг Македонец не бил кандидиран за најдобар играч во Европа. Е Дарко бил ставен во топ 100 играчи во Европа, па го ставиле во топ 10, па на крај завршил втор заедно со Савичевиќ. Епа сега нека заврши некој друг на тоа место“.

Во секое интервју со Дарко Панчев човек ќе чуе по нешто ново, а во најновото во „Еден на еден“ ќе разберете кога прв пат го гледал пеналот од Бари, каде ја чува Златната копачка, зошто со неговиот цимер Илија Најдоски неколку играчи од Ѕвезда не сакале да делат иста соба.

Македонската фудбалска легенда зборува за првата кола која си ја купил со платата од Интер, за времето во Вардар, пласманот на Југославија на ЕП 92, како и кој клуб од големата четворка во Југославија нудел најмногу пари за него.

Што се разликува оваа репрезентација на Македонија од претходните?

„Извонредна везна линија која ни фалеше изминативе 10-15 години. Има четири извонредни играчи во средина Адеми, Алиоски, Барди и Елмас, кои се и добри индивидуалци, но и доста трчаат, помагаат и во одбрана и во напад. Не е тајна ако кажам дека везната линија е срцето на екипата и ако екипата нема добра везна линија потешко ќе им оди. Факт голем е и што многу ни помогна УЕФА што дозволи одредени послаби репрезентации да добијат шанса. Ние бевме во Д лигата, која беше најслабата во Европа. Знаев дека Македонија, Ерменија, Грузија и Косово имаат најголеми шанси. Јас бев убеден дека ќе стигнеме најмалку до финале. Битно квалитетот си доаѓа на површина. Бевме од Грузија подобри и сме подобри и затоа се пласиравме на Европско. Најважно е што ние го искористивме тој систем што го направи УЕФА. За 20-30 години младиве генерации што доаѓаат ќе знаат дека оваа генерација се пласирала на ЕП. Битен е успехот, тоа се памети, не е битно со кого сме играле“.

За споредбите и за неговите успеси кој се уште не ги достигнал друг македонски фудбалер:

„Многумина сакаат да прават споредби на играчи во одредени периоди. Пример Пеле со Марадона. Во светот на спортот се гледа кој што направил и индивидуално и клупски. Ако ти видиш дека Пеле бил три пати светски првак, што има повеќе ние да дискутираме. Е сега Пеле да би играл во овој период може би бил послаб, а можеби би бил и уште подобар. Тоа е релативно“.

„Исто кога прават споредби и со мене. Во овие 70 години ниту еден друг Македонец не бил кандидиран за најдобар играч во Европа. Тоа се тие параметри. Е Дарко бил ставен во топ 100 играчи во Европа, па го ставиле во топ 10, па на крај завршил втор заедно со Савичевиќ. Епа сега нека заврши некој друг на тоа место. Се уште одредени работи што ја сум ги направил, никој друг не ги направил. Јас би сакал некој да ги повтори од младиве што доаѓаат. Еве Елмас, тој е меѓу најталентираните. Дај боже да биде кандидиран и да стане најдобар играч во Европа. Затоа кажувам кога се прават споредби, така се гледа. Јас сум бил најдобар стрелец во Европа и тоа никој не го направил уште. Освен Златната копачка, имам уште четири Златни копачки од Југославија. Само јас и Сантрач бевме најдобри стрелци во Југославија по четири пати“.

На 23:34 за пласманот на Југославија на ЕП 1992 на која и беше одземено учеството.

На 31:35 за времето во Вардар

На 38:45 за трансферот на Ѕвезда кога го барала големата четворка од Југославија. Хајдук нуделе најмногу.

На 41:00 анегдота за Најдоски кој му бил цимер

На 42:17 за квалитетите на Пикси и Дејо и за пофалбите на Мијатовиќ кон него.

На 45:00 за пеналот вреден титула во КЕШ.

28 април 2021 - 13:49