Отпуштањето на Мојс не смени ништо

И со него и без него Манчестер Јунајтед не мрдна погоре од седмото место и по долги години нема да го гледаме на ниту едно европско натпреварување. Тренерските промени не носат резултати и во многу други вакви случаи.

Клубовите од горниот дел на табелата во Премиер лигата кои се решаваат да го шутнат тренерот во текот на сезоната, не им носи никаков резултат во однос на конечниот пласман, покажува истражувањето на спортски научници од универзитетот Sheffield Hallam.

Студијата под називот You don't know what you're doing се однесува на последните 10 години во англиското првенство, а статистиката е направена со 36 клубови кои отпуштиле 60 тренери.

Покрај примерот со Дејвид Мојс кој откако беше отпуштен на четири кола пред крајот на сезоната Манчестер остана на крајот на седмата позиција, тие ги споменуваат и двата примери со Челси кој не успеа да скокне на табелата и покрај смената на Мурињо во 2007 и Фелипе Сколари во 2009.

Со тренерската смена клубовите успеваат да освојат повеќе бодови, но конечниот пласман не им носи промена. Тоа не е случај и со екипите од долниот дел на табелата на кои тоа им е всушност клучот за потребните резултати.

На тој начин на островот изминатава сезона се спасија две екипи. Фудбалерите на Кристал Палас кои по првите 9 кола имаа само една победа, откако за нов тренер го назначија Тони Пулис, тимот на крај заврши на 11 позиција, а тој доби признание за најдобар тренер на сезоната.

Нешто слично се случи со екипата на Сандерленд кој ги шокираше гигантите во последните кола. На домашен терен му откина бод на шампионот, а на гости приреди две сензации со победите над Челси и Манчестер Јунајтед.

Заслугите за тоа одат кај Густаво Појет кој го извади од калта тимот и со просечен учинок од 1,22 подови по натпревар успеа да му обезбеди опстанок. Неговиот претходник Паоло Ди Канио “преживеа“ само пет кола и освои само еден бод. 

21 мај 2014 - 13:48