Офсајд лик на денот: Сами Хипија

Поранешниот тренер на Баер Леверкузен не успеа во првиот обид да биде тренер во Англија. Финецот летово потпиша 3-годишен договор со второлигашот Брајтон, но даде оставка по само 6 месеци и една победа на последните 18 натпревари во Чемпионшип дивизијата.

Клубот после 6 месеци од почеток на сезоната се наоѓа во зоната на испаѓање и победи само еднаш на последните 18 средби. 41-годишниот Финец, кој претходно го водеше Баер Леверкузен, викендов ремизираше 1:1 со Волвс, откако викендов примија гол во судиско продолжение.

Тоа беше причина Хипија да даде отказ, откако не ги оправда очекувањата на управата на Брајтон. На негово место, екипата во следното коло, на Боксинг Деј ќе ја води неговиот помошник Натан Џонс. Се огласи и претседателот на клубот, Тони Блум кој изјави дека Хипија бил коректен од самиот почеток, па до крајот.

„Сами е неверојатно чесен човек. Од почетокот го водеше клубот максимално ангажиран. И покрај добрата игра, резултатите не беа какви што треба да бидат. Многу сме разочарани од развојот на настаните, а Хипија ќе остане познато лице во нашиот клуб. Тој даде отказ за доброто на тимот и клубот. Му посакуваме сè најдобро во иднина“, вели Тони Блум.

По двата порази на почетокот на сезоната, Брајтон го победи Виган во август 1:0 и од тогаш не знае за три бода. Екипата играше добро во Лига купот, каде стигнаа до четвртото коло кога испаднаа од Тотенхем.

„Ја разбирам реакцијата на навивачите. Не очекувам да ме тапкаат по рамо и да ми кажат добро е, кога не е добро. Оваа работа е таква, и секој тренер да биде спремен на вакво нешто. Навивачите се душата на клубот, а тоа најдобро се гледа во Брајтон. По нивното оправдано барање, решив да заминам“, изјави Хипија, откако ја објави оставката.

Хипија стана тренер на „аспирините" од Леверкузен на 1. април 2012 година и го водеше бундеслигашот до 5. април 2013. година. За тоа време во Леверкузен, Хипија оствари 50 победи, а имаше 15 нерешени и 27 порази. Во Брајтон, неговиот довчерашен клуб, Финецот дојде на 6. јуни годинава, а си замина вчера. Со англиската екипа имаше 6 победи, 10 ремија и 10 порази.

Поранешниот напаѓач на англиската репрезентација, Дарен Бент е прв стрелец на екипата, која најверојатно ќе ја преземе Уве Рослер.