Не си играјте со малите екипи во Куп

Од 1984 година до вчера, ниту еден третолигаш немаше стигнато меѓу осумте најдобри екипи во Купот на Италија. Тоа го стори Алесандрија која беше кобна за екипите на Трајковски и Пандев. Прво падна Палермо, а синоќа Џенова и тоа во 114 минута.

Најголемите успеси на Алесандрија се меѓу 1929-та и 1960-та кога играле 13 сезони во Серија А, како и едно финале во Куп во 1936 година. По долго време, еве ги пак на насловните страници, со нова сензација и пласман во четвртфинале каде ќе играат со подобриот од дуелот меѓу Рома и Специја.

Алесандрија игра на стадионче со едвај 6.000 седишта, а тренер им е Анџело Грегучи, екс играч на Лацио кој во Серија А ги тренирал Лече и Аталанта.

Скоро секоја сезона во второто во важност натпреварување во Италија има по некое изненадување, а меѓу најголемите е пехарот на Виченца пред 17 години.

АНКОНА (1993/1994). Во Серија Б завршија осми, а во Купот на Италија ги елиминираа Џаре, Наполи, Авелино, Венеција и Торино и стигнаа до финале. Но таму се сретнаа со силната Сампдорија во која играа Гулит, Југовиќ, Катанец, Манчини, Паљука и загубија 6:1.

ФОЏА (1994/1995). Таа сезона Фоџа ги имаше Луиџи Ди Бјаџо, Лука Аморузо и Мауро Бресан. Не успеа да се спаси во Серија А, но во Купот успеаа да стигнат до полуфинале каде налетаа на Парма.

АТАЛАНТА (1995/1996). Следната сезона изненадување беше Аталанта која успеа да опстане во прва лига и во Куп да ги елиминира Кремонезе, Јувентус, Каљари и Болоња. Во финале загубија од Фиорентина. Тимот од Бергамо тогаш во тимот ги имаше младите Монтеро и Виери.

ВИЧЕНЦА (1996/1997). Франческо Гвидолин во 1998 година се појави на европска сцена во Купот на Куповите, а една година претходно заврши на осмо место во Серија А и направи сензација во Купот на Италија. На патот им застанаа Џенова, Милан и Болоња, а во финале го треснаа Наполи.

БОЛОЊА (1998/1999). Во напад тандемот Андерсон – Сињори, а на клупа Карло Мацоне. Таа сезона Болоња го освои Интертото купот, беше деветта во Серија А и стигна до две полуфиналиња, Куп на УЕФА и Куп на Италија каде загуби од Фиорентина.

ВЕНЕЦИЈА (1999/2000). Сменија тројца тренери меѓу кои и Спалети и не успеаа да опстанат во прва лига. Но во Куп им го земаа скалпот на Песката, Удинезе и Фиорентина. Во полуфинале не можеа против Лацио, кој таа сезона стана шампион на Италија.

КАЉАРИ (1999/2000). Иста судбина таа сезона ги снајде и Каљари. Испаднаа од Серија А, а во Куп стигнаа до полуфинале. На првиот меч дома загубија од Интер 1:3, а потоа победија на гости 1:2.

БРЕША (2000/2001). Мацоне во составот на Бреша таа сезона ги имаше Баџо, Тони и Гвардиола кои успеаа со големи тешкотии да останат во лига, а во Куп стигнаа до полуфинале каде загубија од Парма.

ПЕРУЏА (2001/2002). Следната сезона изненадување во Купот беше Перуџа која во четвртфинале го елиминираа Јувентус и тоа со помош на позајмениот Фабрицио Миколи од Бјанконерите кој им даде три од четирите гола. Во полуфинале го намачија Милан, но не успеаа да го совладаат.

КАЉАРИ (2004/2005). Со помош на предводникот Франческо Ѕола, тимот од Сардинија се врати во Серија А и во Куп ги мина Триестина, Лацио и Сампдорија. Паднаа во полуфинале против Интер.

КАТАНИЈА (2007/2008). Во големата неизвесна завршница, Катанија успеа да остане во Серија А, но и да направи изненадување во Купот каде паднаа Триестина, Милан и Удинезе. Во полуфинале загубија тесно од Рома (0:1,1:1).

СИЕНА (2011/2012). Само што се вратија во Серија А, почнаа да прават изненадувања. Торино, Каљари, Палермо и Киево ги збришаа во Куп, а во полуфинале беа елиминирани од Наполи.

16 декември 2015 - 14:30