Најпознати слободни играчи следното лето

Во јануари ретко кој се нафаќа да потроши многу пари и екипите најчесто преговараат со играчите кои во јуни ќе станат слободни во изборот на нова средина. Еве ги најатрактивните меѓу нив.

Немања Видиќ, 34

Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед го раскинал договорот со Интер неделава, откако клубот не го регистрираше и не одигра ниту една минута сезонава. Има репутација и кабинет полн со трофеи, но играчките капацитети не му се како некогаш. И покрај тоа, многу тимови и навивачи би сакале да го видат Србинот меѓу нив.

Златан Ибрахимовиќ, 34

Харизматичниот Ибра остави длабок печат во Шведска, Холандија, Италија, Шпанија и Франција. Дали Англија би можела да биде неговата следна дестинација? Договорот му истекува летово и неговиот агент Мино Рајола изјави дека тој би можел да замине во Премиер лигата претстојното лето. Манчестер Јунајтед и Арсенал се споменуваат како најзагреани за Швеѓанецот кој ја поведе неговата земја на Евро 2016 во Франција со осум голови во квалификациите. Прашање е колку е Ибра спремен за селење во Англија.

Виктор Валдес, 33

Прашањето е кога, не дали поранешниот голман на Барселона ќе го напушти Олд Трафорд по очајниот престој во Манчестер Јунајтед. Шпанецот потпиша преддоговор со Еспањол, но за него се заинтересирани уште и Селта Виго и турските гиганти Бешикташ и Фенербахче.

Џон Тери, 35

Може ли да замислите? Изгледа малку реално дека капитенот, легендата, лидерот би можел да го напушти Стемфорд Бриџ, место во кое е од своите 14 години. Сепак, постојат несигурности околу неговата способност и натаму да игра на високо ниво во Челси следната година. Сините уште не му понудиле нов договор со што ги зголемија шпекулациите дека би можел да замине во Турција или во Ал-Араби од Катар каде тренер е неговиот поранешен соиграч Џанфранко Ѕола.

Стив Манданда, 30

Манданда минатата недела објави на Фејсбук дека нема да го напушти Марсеј овој јануари и покрај тоа што го барале Астон Вила и Ливерпул. Капитенот на Марсеј сепак не кажа дали ќе замине на крајот од сезоната кога му завршува договорот. Реми Гарде, тренерот на Вила потврди дека сакаат Манданда да го замени ветеранот Бред Гузан на голот на Вила.

Бранислав Ивановиќ, 31

Ивановиќ беше фантастичен војник на Челси по неговото доаѓање од Локомотив Москва во 2008. година. Постигна неколку клучни голови на Стемфорд Бриџ, меѓу кои и оној решавачкиот во финалето на Лига Европа во 2013-та. Србинот може да игра како десен бек и стопер, но сезонава игра најслабо откако е во Лондон. Англиските медиуми пренесуваат дека клубот уште не му понудил нов договор, а од сенка чека Милан.

Патрис Евра, 34

Кориере дело спорт и Калчомеркато пренесоа дека Патрис Евра имал многу понуди од Премиер лигата. Јуве не е спремен да му понуди нов договор, така што Французинот кој освои 10 трофеи со Манчестер Јунајтед од 2006-2014 би можел да се врати на Островот.

Грегори ван дер Вил, 27

Производ на познатата школа на Ајакс, Ван дер Вил пред да замине во ПСЖ го поврзуваа со Арсенал, Челси и Манчестер Јунајтед, но тој се реши за Париз. Сепак со ограничено време на игра на Паркот на Принцовите, Холанѓанецот се пожали на статусот и нема да го продолжи договорот кој му истекува во јуни. Интер е најзагреан за него.

13 јануари 2016 - 16:46