Надежите на Македонија со пораз го завршуваат дебитантското ЕП

Убаво беше да се види, да се почувствува и да се одигра на еден ваков елитен фудбалски собир на кој учествувавме за прв во историјата. Македонија за жал не успеа да победи никого во тешката група, но како за прв пат остави одличен впечаток и што е најважно одигра со срце.

Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година со пораз од 4:2 го завршува деби настапот на Европските првенства. Португалија беше фаворит на овој дуел и тоа го докажа на терен, но не успеа да стигне до посакуваната висока победа за да влезе во комбинација за полуфинале.

Составот на Боби Милевски капитулираше уште во 2-та минута откако Едгар Ие со глава од корнер го отвори резултатот. 20 минути подоцна одличниот Брума ја измрда нашата одбрана и со голчиште од 20 метри го матираше Дамјан Шишковски.

Точка во првиот дел на сличен начин стави Енис Барди кој намали на 1:2. Македонија повторно падна во вториот дел и во 56 минута дозволи Португалците лесно да направат проигрување за 1:3.

Селекторот Милевски освежи со Елмас и Кире Марковски и токму десното крило на Работнички на 10 минути до крајот намали на 2:3. Конечните 2:4 ги постави двојниот стрелец Брума.

Македонија го завршува Европското првенство во Полска на последното место со еден бод освоен против Србија и гол разлика 4:11. Нашиот северен сосед е пред нас поради подобрата гол разлика, Португалија има 6 бода, а Шпанија е лидер со 9 бодови.