Малиот навивач дебитираше за првиот тим на Осасуна

Се исполни сонот на малото детенце кое со години беше снимано како страсно навива на трибините на стадионот на Осасуна. Хозе Гарсија на 16 години дебитираше за првиот тим на својот омилен клуб.

Хозе Гарсија на натпреварот против Алмерија дебитираше за првиот тим на Осасуна на возраст од само 16 години и 299 денови. Само до тука е веќе интересна приказна, но има уште многу да се раскажува за малиот херој на Осасуна.

Малиот Хозе за прв пат беше снимен на трибините на Осасуна на 7-годишна возраст како страсно навива за својот клуб. Оваа снимка долго време се вртеше на ТВ станиците и тој стана херој на навивачите на Осасуна.

По неколку години Хозе повторно беше снимен на трибините на Ел Садар стадионот во Памплона, а тој не престана да навива со ултрасите на Осасуна дури ни кога почна да игра за младинскиот тим.

Малиот навивач немаше одиграно ниту една минута за Осасуна, а веќе стана клупска легенда. Знамиња и транспаренти со неговото име и лик ги преполнија трибините на стадионот на натпреварот против Алмерија, а во 66-та минута тренерот му даде шанса и малиот ултрас дебитираше за својот омилен тим.

11 ноември 2013 - 10:22