Лани бил градинар, собирал лисја и гранки, сега со еврогол го сруши Реал Мадрид

Чудни се патиштата фудбалски. Дефинитивно.

Себастијан Тил, фудбалер од тотално нефудбалската земја Луксембург, е хит на 2. коло во Лига на шампиони.

Овој интересен дриблер од средниот ред на Шериф Тираспол има страшна левица која што згрме во вторникот вечер среде „Сантијаго Бернабеу“. Од 16-ина метри го фрли Тибо Куртоа во мрежата и ја донесе најголемата сензација досега сезонава: Реал Мадрид - Шериф Тираспол 1:2.

„Акцијата одеше по десно крило, приметив дека нема никој кај аголот од шеснаесетникто, па се поставив напред. Адама Траоре ме проигра и кога распалив си помислив: или ќе иде во агол или во облаци. Топката заврши во самиот агол а кога ќе се случи такво нешто, веќе не поставувате други прашања“, вели 27-годишниот Тил за францускиот Sofoot по блесокот во Мадрид и тоа во 89’ минута!

Ова е деби за Луксембуржанецот на најголема сцена - во Лига на шампиони. Пазете го овој податок. Во декември сега ќе наполни 28 години, а само 13 месеци игра чист професионален фудбал.

Претходно настапувал во полу-аматерскиот клуб Прогрес од Луксембург каде важел за најдобар играч во тамошната лига и еден од првите стрелци на вечната листа.

Прогрес во еден момент го праќа на позајмица во рускиот потпросечен клуб Тамов кој неодамна згасна поради банкрот.

„Пред да потпишам договор за позајмица со Тамбов, морав да работам уште една работа и паралелно да тренирам фудбал во Луксембург. Бев вработен во Општина Диферданж. Ме задолжија да се грижам за зелените површини, воедно косев трева на стадионот „Јос Хауперт“ на кој секоја недела играв натпревари. Собирав гранки дрвца и листови кои паѓаа на земја. Тоа искуство значи дека имам мошне посебен однос кон тревата и затоа секој пат внимателно гледам на квалитетот на теренот.

Можам да кажам дека оној тревник на „Сантијаго Бернабеу“ не е ништо специјално. Дури и малку се разочарав, очекував повеќе. Се гледа дека скоро развиле ролни трева па за еден месец ќе биде се според стандардот“.

Инаку ова е најголем блесок во неговата кариера. Беше дел и од мечот во 1. коло кога Шериф го урна богатиот Шахтјор Доњецк со 2-0. Сега го кутнаа и Реал и имаат 6 бода после две кола во екстремно тешка група.

„Поголем стрес имав на премиерата со Шахтјор. Во Мадрид не обрнував внимание на содржината, дека се игра со Реал или дека сум уморен. Кога сте во напад, мора да пробате. Секако дека нема да дриблате во свој шеснаесетник ама кога сте во противничкиот ако имате идеја, останете доследни до крај. Нема тука многу талент туку навика.

ајголемиот јунак на колото преку ноќ стана ѕвезда на континентот.

„Дефинитивно победата големо внимание предизвика и во Луксембург. Телефонот не престанува да ми ѕвони, пораки не ни стигнувам да прочитам. Од друга страна, кога слетавме во Тираспол, само неколку молдавски новинари не пречекаа“.

На прашањето дали менувал дрес со некој од Реал, тој вели дека сакал да го сочува дресот во кој вечно ќе се памти дека го срушил моќниот гигант.

„Дури и да сакав да менувам дрес, не бев во состојба веднаш после натпреварот зошто после судиската свирка за крај легнав на трева поради грчеви. А да трчам за некој да ми даде дрес... Тоа никогаш не го правам, не е мој стил. Ако сум покрај ривалот секако дека ќе размениме дресови, но да го бркам по цел терен не е во мојот менталитет. Искрено играчите на Реал многу убаво се однесуваа. Не беа нималку арогантни. ДОста време поминав во разговор со Лука Модриќ, зборевме за некои судиски одлуки“, констатира херојот на колото.

30 септември 2021 - 15:35