Како дипломатијата ѝ помогна на Англија цело Европско да го игра дома?

На Евро 2020 Англија стигна до полуфинале кое ќе го игра на домашниот „Вембли“, како и многу претходни натпревари. До решавачката фаза Англичаните само еднаш го напуштија Лондон и тоа до Рим каде ја декласираа Украина во четвртфинале.

Во јавноста на широко се дебатира околу темата домаќин на финалните натпревари на континенталниот турнир. Како се случи една репрезентација на максимално децентрализирано Евро да ги игра практично сите натпревари на домашен терен?

СЕ ЖАЛЕА НА ФИЈАСКОТО СО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2018 И СЕ ДОГОВОРИЈА СО ГЕРМАНЦИТЕ

Во декемви 2010-та година Русија и официјално го доби правото да организира Светско првенство во фудбал во 2018-та. Англија тогаш исто конкурираше но испадна уште во првата рунда кога како кандидат доби само 2 гласа од можни 22.

По дебаклот Островјаните на големо се жалеа и кукаа на мито и корупција.

Подоцна решиле да се спремаат за кандидатура за Евро 2020, а во 2012-та Мишел Платини ја објави идејата Европското да биде разделено во неколку земји но финалниот пакет (полуфинале и финале) да се играат во еден град.

Кандидатура за домаќинство на Европско поднеле 19 града но за „финалниот пакет“ во игра беа само два - Лондон и Минхен. Големи шанси да ги добие полуфиналињата и финалето имал и Истанбул но Турците не се кандидирале зошто се посветија на финалето на Лига на шампиони и кандидатура на Европско 2024.

На 19 септември 2014 се бираа градовите домаќини на Евро 2020. И тогаш Вембли победи на финалното гласање зошто Минхен се повлече од кандидатурата. Се испостави дека Германците решиле да ги фрлат сите карти на домаќинство на Европско 2024.

Шефот на англиската ФА Грег Дајк не демантираше дека се договарал со германските колеги.

„Меѓу нас и нив нема никакви тајни. Освен тоа ние нема да се кандидираме за Евро 2024, иако сигурно не би го добиле турнирот“, рекол Дајк.

Заедно со Лондон домаќини станаа и Глазгов и Даблин, а Кардиф не.

Во 2018-та Германија беше избрана за домаќин на Евро 2024. Од 16 членки со право на глас, Германците ги поддржале 12, а Турците во замена добиле финале на Лига на шампиони кое потоа два пати им го одзмаа и преместуваа во Португалија поради глобалната пандемија.

НА „ВЕМБЛИ“ ЌЕ ИМА 60.000 АМА БЕЗ МНОГУ ДАНЦИ, ШПАНЦИ И ИТАЛИЈАНЦИ

ПОРАДИ ВИРУСОТ НА ДАБЛИН МУ ОДЗЕМАА ДОМАЌИНСТВО

И покрај тоа што Лондон беше сигурен за одигрување на полуфинале и финале, Англија можеше да изгуби еден домашен меч во корист на Шкотска. УЕФА утврди процедура според која ако во иста група има две селекции-домаќини на Европското, тогаш со ждрепка ќе се реши која репрезентација ќе игра меч помалку дома. Тоа се случи со Русија која во 3. коло од групната фаза отиде во Копенхаген и изгуби убедливо од домаќинот Данска.

Но за Англија и Шкотска не се влечела ждрепка. Тука правилата на УЕФА го заштитиле фаворитот: според нив, ако една од репрезентациите се пробие на Европско преку бараж (а не директно), тогаш другата селекција домаќин на Европско во групата, автоматски ќе добие 3 меча на домашен стадион.

Но во плејофот (нокаут-фазата) тоа не важеше зошто победникот од групата Д би го играл својот меч од 1/8 финале во Даблин. Англија ќе требаше да игра во главниот град на Ирска каде баш и не е омилена репрезентација.

Па и тука им се погодија коцките: Даблин во последен момент го изгуби домаќинството на натпревари од Евро 2020 поради тоа што тамошните власти не можеле на УЕФА да и гарантираат присуство на навивачи на трибините поради ширењето на вирусот во таа земја.

Затоа УЕФА тие натпревари од групната фаза од Даблин ги пренесе во Санкт Петербург а мечот од 1/8 финале кој требаше да се игра во главниот град на Ирска, го пренесоа во Лондон.

Англија после 3 меча на „Вембли“ во групна фаза, во 1/8 финале ги пречека Германците исто во Лондон. За споредба, Украина мораше да лета минимум 6.000 километри од почеток на Европското, Данска 8.000 километри а Англија 3.000 помалку.

ДОМАШНОТО ФИНАЛЕ ИМ Е ГОЛЕМА МОТИВАЦИЈА, А СЕ ОСТРАТ И ЗА КАНДИДАТУРА ЗА СВЕТСКО 2030

Легендарниот Рој Хоџсон кој во 2014-та беше селектор на Англија а од скоро го напушти Кристал Палас, на времето се радуваше што неговата селекција главните дуели од Евро 2020 ќе ги игра во Лондон.

„Имаме млада екипа, многу играчи кои во 2020 ќе бидат во цутот на кариерите. Ако самата можност да играш финале на Вембли не ги мотивира, тогаш прават голема грешка. Во 2020 за некои од нив тоа може да биде петти голем турнир, а такво искуство не се купува“, изјавил Хоџсон на времето.

Рој беше во право. Од репрезентацијата на Англија која во 2014-та играше на Мундијал, денес има 5 активни репрезентативци: Рахим Стерлинг, Џордан Хендерсон, Џон Стонс, Лук Шоу и Кајл Вокер. Во 2015-та им се придодаде и Хари Кејн.

Извршниот директор на Фудбалската асоцијација на Англија Марк Булингем смета дека одличната организација на Евро 2020 ќе и помогне на Англија сериозно да конкурира и за домаќинство на Светско 2030. Но таму најголем фаворит барем во моментов, ќе биде заедничката кандидатура на Шпанија и Португалија.