Каде се 86-те милиони на кутриот Милан

Потрошените пари не му донесоа корист на Милан: секој бод Росонерите ги чини 10 милиони евра, екипата шутира помалку од Карпи и Фрозиноне и има гол разлика -5 што е негативен рекорд во целата ера на Силвио Берлускони.

„Михајловиќ вети дека никогаш нема да го тренира Милан. Стои на зборот“, гласи една од досетките која навивачите на Јувентус, Интер и Наполи ја праќаат по социјалните мрежи.
 
Србинот (46) беше избран од управата затоа што неговите досегашни екипи (Катанија и Сампдорија) трчаа и се бореа а Синке на Сан Сиро дојде по 156 натпревари во Серија А како тренер и 11 во Купот на Италија. Неговите екипи можеби не играа на прва како Барселона, но се трудеа. Денешниот Милан во првите седум натпревари од Серија А ниту еднаш не се врати откако прв примаше гол и секогаш загуби. Милан на Михајловиќ има 5 бодови помалку од оној на Инзаги во октомври 2014-та година.
 
Факт е дека Росонерите, освен што го заменија Пипо со Синиша, го сменија и изгледот на екипата. Милан потроши 86,45 и има само 9 бода по седум одиграни кола: Економистите би пресметале дека секој бод го чинел Милан по 9,6 милиони евра. Јувентус е полош, затоа што грубо кажано, бод го чини 15 милиони евра. Фиорентина и Лацио статистички секој бод го платиле 1 милион евра од засилувањата, Рома 5,67, Интер 6,27 а Наполи околу 3 милиони евра.
 
За потсетување, во сезоната 1993/1994 под водство на Фабио Капело, Милан во првите седум кола имаше осум дадени голови и ниту еден примен (1-0, 1-0, 0-0, 2-0, 2-0, 2-0, 0-0). Михајловиќ е четвртиот тренер на Милан во нецели две години.
 
Очигледниот проблем на Милан јасно го открил Кеисуке Хонда пред јапонските медиуми по неделниот дебакл против Наполи на Сан Сиро 1-4. Италијанските новинари ги замолиле Јапонците за превод на изјавата на Хонда кој последните два натпревари ги преседе на клупата.
„Проблемите на Милан се јасни, пред се затоа што се исти проблеми со години. Ако не научиме ништо од поразов, тоа значи дека сме многу далеку од некаква реконструкција на клубот. Ако се суди според последните неколку години, јасно е дека не може да реновираш екипа ако не инвестираш пари како што прават ПСЖ или Сити“, се отворил Хонда за јапонските новинари.
Милан во моментов е 11-ти на табелата со 3 победи и 4 порази во првите седум кола и гол разлика 8-13.
„Михајловиќ вели дека проблемот бил до менталниот пристап на играчите? Не сфаќам, нема смисла да се криват играчите. Во последните години, Милан на терен прати многу играчи а годинава потроши речиси 100 милиони, доведе доста репрезентативци и пак нешто не оди. За да се смени, Милан мора целосно да ги промени критериумите на вредност на сите: управа, тренер, навивачи и медиуми. Во спротивно ќе треба 5 до 10 години да се опорави. Знам дека ќе ме критикуваат за овие зборови, но важно е за иднината на клубот“, храбро зборуваше самурајот Хонда.
Во следното коло, по репрезентативните паузи, Милан му гостува на Торино.
6 октомври 2015 - 10:59