Квалификации за Лига на шампиони

Има ли Вардар предност во жешкото време?

Голем дел од јужна Европа во последните неколку недели се соочува со екстремни температури а во тоа се увери и делегацијата на фудбалскиот клуб Копенхаген веднаш по слетувањето во Скопје.

Додека Копенхаген имаше лесен тренинг синоќа на игралиштето на ФФМ, термометарот покажуваше 38 степени а за вечерва прогнозата вели дека температурата ќе биде за неколку степени пониска.

„Секако дека времето може да биде тактички елемент и да влијае на играта ако температурата не падне. Во секој случај ќе биде голем напор за нас“, вели тренерот на Копенхаген, Норвежанецот Стале Солбакен за данскиот DR Sporten.

Данците доаѓаат од земја во која просечните температури преку летото не го надминуваат просекот од 20-ина степени, така што топлотниот бран во Скопје не им паѓа лесно. Во претходното коло играа против Жилина во Словачка каде температурата исто не било висока како во Македонија каде пред една недела на колена падна шведскиот шампион Малме.

Во Скопје допатуваа и неколку дански новинари кои го разгледуваа центарот на градот.

Данците синоќа тренираа еден час на теренот во комплексот на ФФМ и секој присутен можеше да забележи дека не им беше баш до фудбалска топка. Копенхаген во саботата победи 3-0 против Рандерс ФК во данската Супер лига, па противникот на Вардар имаше три дена да се опорави пред мечот во Скопје.

„Да можевме само да позајмевме некои облаци и дожд од Данска за овде. За среќа Вардар не е тим кој игра во брзо темпо во нападот така што ќе ни одговара нивниот нормален начин на игра“, додаде капитенот на гостите Вилијам Квист.

Копенхаген лани играше исто така во земји со екстремно високи температури како против Астра Ѓурѓу во Романија и АПОЕЛ на Кипар, но според нив термометарот во македонскиот главен град покажува повисоки степени дури и од таму, пишува данскиот портал.

„Искрено да признаам не очекував дека е волку жешко. Се чувствува исто како во Дубаи. Среќа што играме во 20.00 часот така што ќе избегнеме директно изложување на сонце. Како било, ќе мора да се справиме и со температурите“, вели дефанзивецот Николај Бојлесен.

Мечот почнува од 20 часот на „Телеком Арената“ а досега се продадени речиси 11.000 влезници колку што беа пуштени во продажба. Во функција е само Јужната трибина, а за навивачите на Вардар отворени се два блока на Западната трибина. Гостинската публика веројатно со тампон зона ќе биде сместена во горниот лев агол од Исток. 

Пренос од мечот ќе има на ТВ Нова.

Што се однесува до коефицентите, домашните и странските обложувалници му даваат голема фаворитска улога на гостинот со коефицент за победа 1.83, а за триумф на Вардар коефицентот е 4.40. За нерешено квотата движи од 3.50 до 3.95.