ЕУ бара итно да се реши проблемот со “робовите“ во Катар

Притисокот кон земјата домаќин за Мундијалот во 2022 година се зголемува. Европската комисија е новата високо политичка институција која го осудува третманот на работниците мигранти во Катар кои работат во ненормални услови во изградбата на стадионите.

Откако Обединетите нации, Меѓународната Конфедерација на синдикатите, Амнести интернешнл и други светски организации реагираа околу кршењето на човековите права на луѓето кои работат во изградбата на стадионите во Катар, и Европската Унија бара веднаш да се реши проблемот.

ФИФА ја опиша ситуацијата во земјата домаќин за Светското во 2022 како неприфатлива, но членовите на Европскиот парламент истакнаа дека уште најмалку 500.000 мигранти се очекува да бидат регрутирани на градилиштата за Мундијалот и побараа поконкретни мерки од Сеп Блатер.

ЕУ изрази загриженост и побара донесување резолуција по итна постапка во врска со долгите работни часови, опасните работни услови, неисплатените плати со месеци, конфискуваните пасоши, принудното живеење во пренатрупани кампови, немањето право за формирање синдикати и немањето бесплатна вода за пиење во екстремно топло време.

„Одговорноста на ФИФА оди подалеку од развојот на фудбалот и организацијата на натпреварите. Тие треба да испратат силен сигнал кон властите во Катар кои се должни да превземат итна акција за решавање на ситуацијата во однос на присилната работа во Катар. Исто така за време на организацијата на Светското првенство мора да обезбедат подготовки кои нема да доведат понатамошно кршење на човекевите права", вели претседателот на подкомитетот на ЕУ за човекови права.

Околу 88% од два милионското население на Катар е составено од работници мигранти, што е највисок процент во светот, а Меѓународната конференција на синдикатите деновиве предупреди дека доколку владата не преземе итни мерки 4.000 работници може да го загубат животот.

Парламентот на ЕУ наредната година во Катар планира да испрати и комисија за утврдување на фактите и апелираше до европските компании кои се вклучени во изградбата на стадионите да обезбедат работни услови кои се во согласност на меѓународните стандарди за човекови права.

22 ноември 2013 - 19:12