Драга кралице дај ни карти за финалето

И покрај тоа што Вембли собира 90.000 гледачи, навивачите на финалистите од ФА купот Арсенал и Астон Вила добија по 25.000 карти од фудбалската асоцијација на Англија. Секој бара чаре да стигне до карта.

Во ситуација кога сакаат да бидат дел од големиот спектакл на Вембли закажан за 30. мај, многу поддржувачи на Арсенал и Астон Вила бараат карти „под дрво и под камен“.

Некој бара карти на црно, некој на интернет, а двајца навивачи на Арсенал отишле најдалеку и се обратиле до кралицата Елизабета Втора, за да им обезбеди карти за финалето. Чарли Пирс, навивач на Арсенал одлучил да ѝ пише на кралицата за две карти, за него и неговиот другар Лео Марфи. Сепак од Бакингемската Палата на Чарли му стигнал разочарувачки одговор:

„Драг Чарли, Кралицата ми се обрати да ви се заблагодарам за писмото пратено на 5. мај, и да ви го пренесам Нејзиното задоволство што вашиот омилен клуб Арсенал ќе игра во финалето на ФА Купот кој ќе се одржи на 30. мај на Вембли.

Вашето барање до Кралицата за да ви помогне да најдете карти за натпреварот беше внимателно прочитано, но се плашам дека не е предмет на кој Нејзиното Височество би можела да ви помогне.

Жалам што ви праќам разочарувачки одговор. На крајот, Кралицата се надева дека ќе уживате во натпреварот а јас ви ги пренесувам желбите на Нејзиното Височество.“

Следно што му останува на Чарли е да му пише на премиерот Дејвид Камерoн, па можеби ќе им помогне иако е навивач на Астон Вила.

21 мај 2015 - 14:54