26 години од најлудиот голмански потег некогаш изведен

На 6 септември 1995-та година, на стадионот „Вембли“ пријателска средба играа репрезентациите на Англија и Колумбија. На трибините имало околу 20.000 гледачи кои во живо биле сведоци на еден луд потег таа вечер.

Во 21’ минута од мечот фудбалерот од среден ред на Англија, Џејми Реднап тргна да нафрли една топка во шеснаесетникот на Колумбија но топката фати силно ефе и отиде кон голот на гостите.

Во еден момент колумбискиот голман Рене Игита направи неколку чекори назад и изведе еден потег кој никогаш претходно ни потоа не е виден на фудбалски терени: 

Неверојатниот потег го нарекоа „шкорпион“, а Игита кој и онака беше многу ексцентричен и луд голман, влезе во вечноста со таа одбрана.

После мечот Игита им се извинил на соиграчите за ризичниот маневар, но кажал и дека во моментот не можел ништо друго да направи: „Таквата одбрана беше неопходност, а не правење важен. Ако пробав да ја фатам со раце, ќе ми избегаше и ќе примев гол. Со нозе беше поуспешно и поефективно“, рекол Игита во една прилика.

Подоцна во разни интервјуа и телевизиски гостувања сите водители го прашувале за скорпион одбраната. Еднаш раскажал дека идеја за такво нешто му дошла кога во 1990-а година гледал тренинг на деца:

„Децата секогаш ми се инспирација. Често ги гледав на улица или по паркови како учат да прават „ножички“ и им кажав дека би било јако да го направат тоа обратно“.

Цели пет години Рене Игита го вежбал овој удар на тренинзи па циркускиот настап на Вембли не беше само спонтана импровизација како што вообичаено се мисли.

Интересно, ден-денес трае спорот околу „авторските права“ на ударот шкорпион. Познатиот легендарен голман на репрезентацијата на Западна Германија, Зеп Мајер направил нешто слично на тренинг, а мексиканскиот напаѓач од Реал Мадрид Уго Санчез во 2012-та рекол: „Му благодарам на Игита кој го прослави овој удар, но јас го измислив“.

А и што е важно тоа, кога само Колумбиецот Рене Игита се осмелил да го изведе овој потег на официјален меч и тоа на најкултниот стадион на светот?

6 септември 2021 - 10:41