Каков е тој ТикТок-предизвик со кафе и лимон?

ТикТок има нов проблематичен предизвик - се работи за специфична задача што треба да ја извршиш во одреден временски период, со намера да го промениш изгледот. Супер.

Предизвикот е со кафе и лимон, поточно - треба да пиеш инстант кафе со малку лимонов сок секое утро 28 до 30 дена за да ослабеш. Хаштагот #lemonandcoffee има над 8 милиони прегледи од љубопитни луѓе. И покрај тоа што никој не тврди дека е вкусно, многу од нив се фалат дека изгубиле значителен број на килограми во текот на месецот.

Е сега, дали ова стварно?

На кратко, не. Нутриционисти велат дека ако некој гледа резултати од овој тренд, веројатно е од дефицит на калории. Нема никакви докази дека режим со кафе и лимон, без никакви други промени во исхраната ќе доведе слабеење.

Една од причините што трендов така брзо се шири е затоа што некои (малку застарени) истражувања покажуваат дека кафето убива апетит со зголемување на серотонинот, епинефринот и норепинефринот во телото. Истовремено е можно кафето малку да го забрзува метаболизмот, но не доволно за да направи некаква разлика во тежината.

Што се однесува до лимонот, веројатно некаде и имате слушнато дека топла вода со лимон води кон намалување на тежината, или за комбинацијата од бибер, вода, лимон и јаворов сируп. Тие што се колнат во лимон за слабеење, велат дека лимонот го одложува празнењето на цревата, па помага подолго да се чувствуваме сити, но дури и да е така, релевантните лекари пак велат дека тоа не влијае на тежината.

На крај, не дека е опасно да комбинирате лимон и кафе, но може да ви биде непријатно ако сте осетливи или лесно ви се создаваат киселини. И да си ги упропастите забите од комбинацијата. И да упропастите совршено пристојна шолја кафе.

Заклучокот е дека се слабее само ако внесуваш помалку калории отколку што може телото да согори. Лимон и кафе е непријатен начин да се започне денот и уште понепријатна ситуација за попладне.

И не верувајте на сѐ што ќе начекате на интернет. Особено на ТикТок.

23 ноември 2021 - 12:20