Френсис Фармер: Стар Холивуд и инспирација за Курт Кобејн

Дури и пред да стане славна, Френсис Фармер ја следи bad girl репутација. Во средно има победено на натпревар со есеј со наслов „Бог умира“, а на колеџ добива патување во Советскиот сојуз затоа што продава претплата на левичарски весник. И потоа - оди во Холивуд.

На 22 години потпишува 7-годишен договор со Парамаунт и само што станува ѕвезда, веќе се нервира за процесот на „вајање ѕвезди“ - се обидуваат да ѝ раководат со животот, диктираат какви фотографии ќе има, на кои забави ќе оди, со кого ќе се дружи. Некои тврдат дека Парамаунт го има и наместено бракот меѓу неа и првиот сопруг, Лиф Ериксон.

Откако ќе се појави со Бинг Крозби во Rhythm on the Range, а му ја „позајмуваат“ и на Хауард Хокс за Come and Get It, станува доволно популарна да може да си дозволи да ја отфрли наместената улога на „убавата кукла на Парамаунт“.

Тука почнува да ѝ стагнира кариерата. Станува зависна од алкохол и Бензедрин, а не помага ни фактот што матичното студио ја тера да зема амфетамини за да си ја регулира тежината. Во тоа време, лекот е достапен без проблем и доктори често го препишуваат за убивање на апетитот. Дури во ‘70-те се открива дека создава зависност и има непредвидливи контраиндикации, меѓу кои и симптоми слични на шизофренија.

Една вечер, полицијата ја запира дека вози со светла во блекаут зона. Не сакала да слуша, се борела и на крај завршила во затвор. Втор пат ја уапсиле кога го ѕвекнала фризерот во вилица. Кога дошле да ја уапсат ја нашле во хотел и морале да ја извлечат со сила. После затворот, ја префрлиле во санаториум, каде што божем требало да ѝ биде подобро, а реално, психичкото здравје уште повеќе ѝ се влошило. Докторите ѝ дијагностицирале параноидна шизофренија, па според трендовите во тоа време, добила терапија со инсулински шок како „лечење“. Мајка ѝ, со која имала ужасен однос, добила старателство над ќерка ѝ.

Од таму, ја префрлиле во друга институција каде што добивала терапија со електро-шокови. Ја пуштиле после 3 месеци. Потоа, во болницата Вестерн Стејт каде што баш филмски ја држеле во лудачки кошули, ја силувале вработени, ја гризеле стаорци и била врзана со синџири во ќелија со меки ѕидови.

Пет години подоцна, се вработила како перачка во истиот хотел каде што ѝ оддавале почест на премиерата на Come and Get It.

Добива втора шанса со шоуто Френсис Фармер Презентс и публиката ја сака, но откако ќе се појави едно утро пијана на работа и ќе пцуе во етер, ја бркаат.

По последната улога во животот, кога ја игра „најбогатата жена на светот“ и доживува аплауз каков што не чула во нејзината кариера, се повлекува и работи на нејзината автобиографија, а станува и католик.

Добива рак на грло и умира во 1970-та. Со тој храбар и меланхоличен живот излегува дека преживеала работи што за многумина би биле незамисливи.

За неа, како симбол на пропаднатите холивудски старлети, има три книги и три филмови, од кои еден со Џесика Ланг и наслов „Френсис“ (1982). Во ‘90-те, Френсис му станува еден вид муза на гранџот, кога Курт Кобејн се инспирирал и се споредил себеси со неа во песната Frances Farmer Will Have Her Revenge on Seattle.

Тука Кобејн зборува за нејзината трагична приказна:

13 јуни 2022 - 00:01