Е*ено дрво и зајдисонца

Зошто сите книги за Африка имаат иста корица?

Кога едно исто визуелно решение се повторува тоа може да е резултат на мрзливост и некреативност. Но кога има најмалку 36 речиси исти корици за книги кои доаѓаат од Африка или зборуваат за неа, тоа е можеби сигнал дека тука станува збор и за нешто повеќе.

Минатата недела Africa is a Country, блог кој документира западни предрасуди и погрешни убедувања во врска со Африка објави многу интересен пост посветен на дизајнот на книги. Дури и да не го прочитате текстот, сликата која е објавена говори доволно самата по себе - колаж од дури 36 корици на книги чие дејство или се одвива во Африка или чиј автор е Африканец. Темите и географијата кои ги покриваат се различни - некои се однесуваат на Нигерија, други на Јужна Африка, Боцвана, Мозамбик. Едни се од помалку познати автори, други од Нобеловци. Па сепак, на сите 36 има еден ист визуелен мотив - дрво акација или портокалово зајдисонце. Или двете.

„Со еден збор", се вели на блогот, „кориците на повеќето книги кои се однесуваат на Африка изгледа дека се дизајнирани од некој чија главна идеја за континентот произлегува од Кралот лав".

Добро, покрај толку иновантивни решенија во областа на дизајнот на корици, толку ли е тешко да се надмине ова клише? По сè изгледа се работи за инвидуална но и институционална мрзливост, но и страв кога се во прашање не-западни романи да не се утне работата ако на корица се стави нешто поконтроверзно од дрво и сонце. Така се промовира едно „ориенталистичко" чувство за „некое место", таму далеку, во Африка, без оглед што се работи за цел континент, кој не е едно, туку многу места.

Петер Менделсунд, уметнички директор во познатата издавачка куќа Knopf, вели дека до времето кога ракописот е подготвен за печатење постои големо искушение да се чекори по веќе изгазена патека (на слоновите?). Ако книгата е за Африка а ти ставиш нешто друго како „визуелен клуч", ќе бидеш првиот обвинет доколку потоа книгата не се продава. „Се разбира", додава тој, „постојат длабоко вкоренети проблеми на постколонијалистички и ориенталистички ставови. Удобно ни е со ваквата визуелна претстава за Африка затоа што е безбедна. Ја претставува 'другоста' на начин на кој е разбирлива. Што е иронично, затоа што што е фикцијата ако не начин да си ги зајакнеш емпатиските мускули?"

Решението е дизајнерите во тим со уредниците повеќе да работат на она што е специфично за одредена книга, и тоа - а не потеклото на авторот или местото на одвивањето на дејството - да им биде главно при формирањето на визуелно решение. Но најголемата промена ќе настане кога некое храбро, поинакво решение ќе стане бестселер, и со тоа ќе ги охрабри дизајнерите да експериментираат. „До тогаш ќе го имаме ова е*ено дрво", заклучува Мендулсунд.

14 мај 2014 - 16:30