Отворено писмо на Ципрас до Германците

Две недели пред да мораа да го земат за озбилно, новиот грчки премиер пиша отворено писмо до германската јавност. "Има работи што никогаш не ви ги кажале за Грција", им порачува Ципрас на читателите на Ханделсблат.

Повеќето од вас, драги читатели на Хандесблат, веќе имате формирано мислење за овој текст дури и пред да го прочитате. Ве молам да не се поддавате на такви предрасуди. Тие никогаш не биле добар водич, особено во периоди кога економската криза ги засилува стереотипите и поттикнува омраза, национализам, па дури и насилство.

Во 2010 грчката држава веќе не беше во состојба да го враќа својот долг. За жал, европските функционери решија да се преправаат дека овој проблем може да биде надминат преку најголемиот заем во историјата, под такви услови на фискално штедење кое, со математичка прецизност, би го намалило националниот доход од кој би требало да се платат и старите и новите заеми. Проблемот на несолвентноста беше третиран како да е случај на неликвидност.

Со други зборови, Европа ја прифати тактиката на најозлогласените банкари, кои одбиваат да признаат лоши заеми, туку повеќе сакаат да доделат нови, на и онака несолвентен ентитет, и да се преправаат дека оригиналниот заем се намалува, со тоа само продолжувајќи го рокот на банкротот. Не беше потребно ништо повеќе од здрав разум за да се сфати дека примената на тактиката на „продолжи и преправај се" ќе ја доведе мојат земја во трагична состојба. Дека наспроти стабилизација на Грција, Европа создаваше услови за самозасилување на кризата, којашто ги подрива темелите на самата Европа.

Мојата партија, и јас лично, остро се спротивставивме на договорот за заем од мај 2010, не затоа што вие, граѓани на Германија, не ни дававте доволно пари, туку затоа што ни дававте премногу, многу повеќе отколку што требаше, а нашата влада прифати многу, многу повеќе отколку што имаше право да прифати. Пари кои, во секој случај, ниту ќе му помогнеа на народот на Грција (којшто на овој начин беше фрлен во црна јама на долг кој не може да се врати), ниту пак да го спречи неверојатниот раст на грчкиот владин долг, со огромна цена по грчкиот и германскиот даночен обврзник.

Секако, дури и пред истекот на една година, почнуавајќи од 2011, нашите предвидувања се остваруваат. Комбинацијата на огромни нови заеми и строги прекратувања на трошоците од страна на владата кои ги намалија приходите не само што не помогнаа во излегување на крај со долгот туку ги казнија најзагрозените граѓани, претворајќи ги оние кои и онака живееа скромно во сиромаси и просјаци, пред сè негирајќи им го достоинството. Колапсот на приходите турна илјадници фирми во банкрот, давајќи им олигархиска моќ на оние големи фирми кои опстанаа. Оттаму, цените паѓаа, но побавно отколку платите, намалувајќи ја генералната побарувачка за стоки и услуги, и намалувајќи ги номиналните приходи, додека долговите продолжија неверојатно да растат. Во овој контекст, дефицитот на надеж исто така почна неконтролирано да расте и, додека да се свртиш, нео-нацисти почнаа да ни патролираат по населбите, ширејќи пораки на омраза.

И покрај очигледниот неуспех на логиката зад „продолжи и преправај се", таа се уште се применува. Вториот заем од пролетта 2012 додаде уште поголем товар на и онака слабите плеќи на грчките даночни обврзници, удри по нашите фондови за социјално осигурување и финансираше нова сурова клептократија.

Релевантни коментатори изјавија дека Грција од неодамна се стабилизира, дека дури покажува и знаци на раст. Но „грко-зацелувањето" е само фантазмагорија, која мораме што побргу да ја напуштиме. Неодамнешниот скромен пораст на реалниот БДП, на 0,7%, не сигнализира крај на рецесијата (како што е соопштено), туку само нејзино продолжување. Помислете на тоа: истите официјални извори известуваат за истиот квартал, стапка на инфлација од -1.80%, односно дефлација. Тоа значи дека растот од 0.7% во реален БДП се должи на негативниот раст на номиналниот БДП! СО други зборови, се што се случило е дека цените се намалиле побргу од номиналниот национален приход. Тоа не е баш причина за да се прогласи крај на шестгодишна рецесија!

Дозволете да ви кажам дека овој жален обид за пласирање нова верзија на „грчка статистика", за да се обзнани дека тековната грчка криза е завршена, е навреда за сите Европејци, кои конечно ја заслужуваат вистината во врска со Грција и во врска со Европа. Оттаму, дозволете да бидам искрен: грчкиот долг во моментов е неодржлив и никогаш нема да биде сервисиран, особено додека Грција е подложена на постојано фискално измачување. Инсистирањето на овие политики кои водат во ќорсокак, и одрекувањето на едноставната аритметика, скапо го чини германскиот даночен обврзник а истовремено една горда европска нација ја осудува на долгорочно недостоинство. Што е уште полошо, на овој начин, не помина многу пред Германците да се свртат против Грците, Грците против Германците, а притоа европскиот идеал да претрпи катастрофални губитоци.

Германија, а особено трудољубивите германски работници, нема што да се плашат од победата на Сириза. Напротив. Нашата задача не е да ги конфронтираме нашите партнери. Не е ни да обезбедиме уште поголеми заеми, или право на повисок дефицит. Нашата цел е стабилизација на земјата, балансирани буџети, и секако крај на цедењето на слабите грчки даночни обврзници во контекст на договор за заем кој е просто неостварлив. Ќе се посветиме на прекинувањето на логиката на „продолжи и преправај се" не против германските граѓани, туку заради заедничките предности на сите Европејци.

Драги читатели, разбирам дека зад вашето 'барање' нашата влада да ги исполни сите 'договорени обврски' се крие страв дека доколку им дадете на Грците простор за маневар, тие ќе си продолжат со лошите, стари навики. Го разбирам овој сомнеж. Сепак, дозволете да кажам дека не беше Сириза таа којашто ја почна клептократијата којашто денес божем се заложува за 'реформи', ама такви кои нема да ги чепнат нивните привилегии. Подготвени сме и сакаме да воведеме длабоки реформи за кои сега бараме мандат од грчкиот електорат, секако во соработка со сите европски партнери.

Нашата задача е да направиме Европски њу дил, во рамки на кој нашите луѓе ќе можат да дишат, да создаваат и да живеат достоинствено.

Една голема можност за Европа ќе биде родена во Грција на 25. јануари. Шанса која Европа не смее да ја пропушти.

* Текстот оригинално е објавен во едно од водечките германски бизнис списанија Ханделсблат, во бројот од 13 јануари

30 јануари 2015 - 12:08