Што ќе се случи сега кога ТикТок влегува во издаваштвото на книги?

Неодамна на пазарот се појави нова издавачка куќа, БајтДенс, дел од компанијата ТикТок, која освен по кратките вирални видеа е позната и како социјален медиум преку кој се промовираат книги, кои на тој начин бргу стануваат бестселери. Многумина во издавачкиот свет сметаат дека ова ќе создаде нелојална конкуренција на сметка на авторите кои не се, и не сакаат да бидат на оваа социјална мрежа.

На почетокот на оваа година голем број автори на самоиздадени љубовни романи добиле генеричка електронска порака со која издавачка куќа во формирање им понудила соработка. Условите не биле кој знае што, понекогаш неколку илјади долари за правата на нивната книга. Но „цаката“ не е во првично понудените пари, туку во тоа кој ги нуди - издавачот е БајтДенс, компанија на ТикТок. Во пакет со авансот тој понудил и широк опсег онлајн маркетинг услуги, што е всушност влог во идната вистинска добивка.

ТикТок и до сега радикално влијаеше врз начинот на кој се откриваат книги онлајн. Како што пишувавме во 2022, хаштагот „БукТок“ уште тогаш ја промовираше заедницата на корисници поврзани со книги (автори, читатели, издавачи), што влијаеше врз неверојатното зголемување на продажбата и на искачување на топ листите на насловите кои беа препорачувани во видеа од само пет секунди. Платформата почна да воспоставува и литературни клубови, а летото истата година во Лондон беше организиран и БукТок фестивал. Некои од издавачите и продавачите бргу сфатија во кој правец дува ветерот, па дури и најголемиот книжарски синџир во САД, Барнес и Нобл, влезе во партнерство со ТикТок. Изминатата година видеата со хаштагот #BookTok се видени повеќе од 91 милијарда пати (?!), споредено со речиси 60 милијарди претходната година. 

Новата БајтДенс е регистрирана во април 2023 и се опишува како компанија која нуди широк опсег производи и услуги од областа на издаваштвото, но дека истовремено ќе создаде „екосистем“ каде луѓето би можеле да пронајдат, купат, прочитаат, критикуваат и дискутираат книги. Компанијата ја најми Катерин Пелц, ветеран во индустријата на љубовни романи, како уредник на нови наслови. 

Јасно е дека она што ќе следи е спојување на БукТок и БајтДенс, што од мрежата ќе направи уште понеорганска платформа која веќе нема да биде раководена од авторите и корисниците, туку од намерите на компанијата. И онака маргинализирани, традиционалните издавачи и самообјавените автори ќе бидат уште попотиснати. Ако е за утеха, во моментов БајтДенс изгледа фокусирана само на жанровите фантазија, романса и мистерија. А ако насловите не бидат квалитетни, многумина сметаат дека рекламирањето нема да резултира со долгорочно дестабилизирање на пазарот. 

извор

5 јули 2023 - 09:33