Букбокс читанка

„Зелена гуска“ од Љубиша Никодиновски - Биш

Нова монографија преку која оние што биле дел од опишаните настани ќе можат да се потсетат на своето херојско минато, оние од средната генерација ќе жалат по една интелектуална атмосфера која е тешко замислива денес, а пак младите ќе знаат дека имало нешто и пред нив, од кое можат да учат.

Беше жежок ден на почетокот на септември 1995. Во нешто што тогаш ми изгледаше како рано утро (а можеби било околу 12) упорно ѕвони фиксниот телефон. Нема кој друг да се јави, морам да станам. Во измаглицата на полусонот кревам слушалка, а длабок глас од другата страна вели - „ДЕДО МРАЗ, ДОЈДЕ И КАЈ ВАС“. Извадена од памет, спуштам. Потребни се уште неколку ѕвонења пред да се одлучам повторно да кренам. „БИШ ТУКА“, вели гласот овој пат.

Повикот беше понуда да работам на 20-тото издание на Младиот Отворен Театар. Она што следеше беше подеднакво возбудливо, на моменти и надреално, колку и појавата на Дедо мраз среде есен во Скопје. Го чувам каталогот и сите материјали, но намерно сакам да ми остане чувството на полусон, не потсетувајќи се на точни датуми и имиња на претстави, туку на атмосфера, во која сè беше можно. Кога на 3-ти октомври придружував актер од Данска (или Шведска?) во полициската станица Беко за тој да добие некаква потврда за престој, и службеникот избезумен нè информираше дека во близината имало атентат врз претседателот, Нилс (или Олаф?) само се насмеа. Мислеше дека тоа е перформанс во рамки на МОТ.

Иако крајно значаен како меѓународен фестивал, тој во себе сепак вградуваше традиции кои се постари од него. Алтернативниот театар во Македонија е феномен чии први пројави на професионалната сцена се бележат кон крајот на 1950-тите со отворањето на Малата сцена на МНТ, но и со формирање на бројни аматерски театарски групи, трупи и секции, над 170 од нив официјално евидентирани во овој период. Се одржуваат Републички аматерски смотри, а во Кочани се воспоставува Фестивал на аматерски и алтернативен театар, кој се одржува и денес. Алтернативните пристапи во уметноста воопшто (сликарство, музика, книжевност) особено се засилуваат во 1960-тите и почетокот на 1970-тите.

Во овој историски и културолошки контекст се појавува театарот „Кај Свети Никита Голтарот“, која се експонира како една од најуспешните алтернативни групи во тогашна Југославија. Новата театарска концепција е промовирана од млади ентузијасти, главно студенти и аматери на полето на театарот, раководени од режисерите Владимир Милчин и Слободан Унковски. Во манифестот „Проект за еден театар ’70“ кој се појавил во тогашниот весник на скопската младина „Фокус“, издание од 27 април 1970, своите координати „Голтарите“ ги поставиле на начин кој може лесно да биде препознаен и од денешните млади уметници:

Земаме од: Театар за плебс, a не за патриции (Брехт)...Деструкција на утврденото (американски подземен театар)... Сиромашен театар (Гротовски)... Поука низ забава (Брехт)... Метод на физички дејствија (Станиславски)... Семоќен глумец, супер марионета (Крег)...

Незадоволни од: Малограѓанштината, меркантилизмот, недисциплината, тезгарскиот дух... Фосилизираноста, нафталинската атмосфера... И владеењето на кичот кај нас... Од: Фактот дека театарот е на периферијата на општеството и вон од сите општествени текови... Фактот дека театарот е понижен... Фактот дека ваквиот театар е непотребен и дека живее по инерција.

Ce залагаме за: Млад и свеж дух... Ново достоинство на театарот... Театарот кој е прво идеал, a потоа можност за егзистенција... театарот во средиштето на општествените текови... Театарот како свеченост и потреба...“

По јавното обраќање поголема група поддржувачи од различни генерација потпишале еден вид апел за поддршка на групата, која и тоа како била потребна во време кога нејзината активност можела да биде политички кастрирана. Меѓу нив се бележат имињата на Благоја Иванов, Петар Мазев, Матеја Матевски, Живко Чинго, Ацо Шопов и други.

Името на трупата произлегува од локацијата на која се одвивале пробите и дискусиите - Манастирот св. Никита во близина на Скопје, каде се работело од 7 до 23 часот. Сочуван е и распоредот на активности.

7 ч. - будење
до 7,30 - утринска гимнастика
до 8,00 - средување на собите и тоалета
до 8,30 - појадок
до 13,00 - вежби (вокални и физички)
13,30- 14,00 -ручек
до 17,00 - одмор
17,00 - 20,00 - театарски универзитет
до 20,30 - вечера
до 23,00 - диско или забава

По 45 денови интензивни подготовки на 26 август 1970, се одржува прва изведба на преставата „Скици од преданието каинавелско“ работена според стихозбирката „Евангелие по Итар Пејо“ на Славко Јаневски. Првата публика, локалните селани, бидејќи често присуствувала на пробите на отворено, веќе ги знаела текстовите на памет и ги говореле заедно со актерите. Премиерата пак пред скопската публика е опишан како „пробивање на звучниот ѕид во македонската култура“. Следува турнеја низ тогашна Југославија.

Новата книга „Зелената гуска“ всушност започнува во овој миг, опишувајќи ја културната и театарската ситуација во 1970-тите во светот и во Македонија. Она што следи е детален преглед на она што се случувало по овие први и силни алтернативни пројави, кои отвориле пат за повеќе, и за уште. „Голтарот“ Биш, студент по филозофија кај славниот Павао Вук Павловиќ, кој во сократовска тога и со транспарент „Одам на испит, автентичен“ доаѓал да полага, е движечка сила за она што ќе следи на полето на алтернативниот театар, а кое засекогаш ќе ги замагли формалните граници помеѓу она што е професионално а што аматерски.

Во Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет, под раководство на проф. Кирил Темков, во 1978 се формира театарска работилница, која подоцна ќе стане позната како „Зелената гуска“ поради насловот на нејзината прва претстава. „Најмалото театарче на светот Зелена гуска“ е направена врз основа на драмолетки на полскиот поет и сатиричар Константин Илдефонс Галчински - надреалист, чудак, апсурдист. Во склоп на претставата се и улични дефилеа кои ги креваат на нозе жителите не само на Скопје, туку и на сите градови од поранешна Југославија каде што таа гостувала.

Само во текот на 1980 се одржани 40 претстави, а списокот открива и некои за денешни услови необични места: хотел на Попова Шапка, писта на бригадирска населба Катланово, ресторан на фабриката Алумина, противпожарен дом Виница...Успехот е толку голем, а младешкиот полет толку силен, што следуваат уште три претстави, „Како трупата Сина блуза ќе ја прикажеше животинска фарма од Орвел“, „Пепелашка во поправен дом“ (Јануш Гловацки) и „Сцени за шмекерите“ (Антонин Пшидал), сите во режија на Владимир Милчин. На сите фестивали, согласно своето кредо, трупата настапува вон конкуренција, а околу неа гравитира и цел еден уметнички кружок, составен од сликари кои изработуваат постери (пример Глигор Чемерски) и музичари (пример групата Пасквелија).

Огромната вредност на ова издание е токму во ваквите податоци, кои на овој начин се спасени од заборавот на една држава и на една култура која нема истенчено чувство за архивирање на своите дострели. Обратно - голем дел од културната историја скапува по подруми или исчезнува со затворањето на серверите на пропаднатите медиуми. Но Биш, иако откачен студент кој шетал во тога или костим на зелена гуска, точно знаел каква е важноста на она што се случува. Не само што водел дневници, туку го чувал и секое ливче, флаерче, каталог, исечок од весник. Токму затоа сега оние што биле дел од овие настани можат да се потсетат на своето херојско минато, оние од средната генерација да жалат по таква интелектуална атмосфера која е тешко замислива денес, а пак младите да знаат дека имало нешто и пред нив на кое можат да се надоврзат и од кое можат да учат.

Фиксниот телефон одамна не ѕвони, ене го стои позади телевизорот повеќе како украс. Кога би го слушнале неговиот звук веројатно најпрвин не би го препознале. Би тргнале кон него збунети, како во полусон. Од другата страна би се слушнало шуштење. И далечен звук на задишани ирваси и прапорци.

Илина, Букбокс

8 мај 2021 - 11:15