Прва оригинална драма која се одвива на платформата Зум

„За што треба да зборуваме?“ на Ричард Нелсон се одвива на необична сцена - видеоконференциската платформа Зум. Но ова не е само финта, туку интегрален дел од заплетот.

Театарското искуство, заедно со концертното, е она кое најмногу настрада во услови на пандемија - дома можат да се читаат книги, да се гледаат филмови, но не може на истиот начин да се ужива во театарска претстава (тука не ги сметаме видео снимките на претстави, кои се најчесто со низок квалитет).

Тргнувајќи од дефиницијата на театарот како огледало на времето, на крајот на април се одржа премиера на првата оригинална драма во карантин, „За што треба да зборуваме?“ на Ричард Нелсон. Таа била нарачана како хуманитарен настан, а беше пренесувана на јутјуб последната среда од април.

Драмата е неочекувано дополнување на циклусот на Нелсон под наслов „Семејството Епл“. До сега тој се состоеше од четири претстави за четворица Епл-овци, средовечни браќа и сестри од Рајнбек, Њујорк. Првата е играна во 2010, а последната во 2013, но секоја се одвива и е изведена во момент од национално значење.

„За што треба да зборуваме?“, режирана од Нелсон, се одвива на Зум, платформа која барем овој пат не е прикажана како иритирачка технолошка алатка, туку како дел од заплетот. Наместо да се соберат на вечера, како што прават вообичаено, браќата и сестрите седат на „софра“ на Зум, за да си го раскажат денот. Една од нив е Барбара која само што е вратена дома од болница, каде успеала да се извлече од Ковид-19. Ричард е братот кој е во карантин со неа, и тој готви и во голема мерка ја раскажува нејзината приказна. Еден по еден во засебни прозорчиња се појавуваат и другите протагонисти - Џејн, најмладата Епл-овка, и Тим, нејзиниот партнер, но одделени во различни станови затоа што Тим има лесен облик на вирусот. Маријан, средната сестра, доцни како и секогаш, но е убаво облечена и има ставено кармин. Тие пијат вино, се зезаат и се обидуваат да ја рационализираат ситуацијата во која се наоѓаат. И сето тоа на моменти делува како навистина да сте упаднале во нечија семејна видео конференција.

Како што претставата привршува, браќата и сестрите се исклучуваат еден по еден, оставајќи ги останатите да ги оговараат во нивно отсуство. Последна останува Барбара, која само гледа во екранот, во сопственото лице, веројатно чудејќи се што е уште тука.

При снимањето на претставата се почитувани протоколите за изолација на актерите, а оние кои ги глумат Барбара и Тед се всушност маж и жена. Премиерата онлајн ја следеле повеќе од 5000 луѓе.

Целата претстава (1 час) е се уште достапна, со ограничен рок. Првите 8 минути има краток вовед во контекстот.

14 мај 2020 - 11:17