Во Музејот Алберт и Викторија во Лондон

„Непослушни предмети": изложба на протестни реквизити

Рачно направени гас маски, штитови во вид на корици од книги, мали дронови - сите овие се предмети поврзани со протестни движења низ светот. Изложбата на која се претставени слободно можела да се вика и „Предмети на непослушните“.

Во Музејот Алберт и Викторија во Лондон во тек е изложба, прва од ваков вид, целосно посветена на моќната улога на предметите во движењата за социјална промена. Таа демонстрира како политичкиот активизам покренува бран дизајнерска оригиналност и колективна креативност, преточена во предмети кои во себе ги вградуваат и новите технологии. Изложени се артефакти поврзани со протести и изразување отпор од доцните 1970-ти до сега, од целиот свет - рачно ткаени банери, нацрти за барикади и блокади, политички видео игри, седишта за парламент на дување за полесно постигнување консензус, активистички точаци и други предмети дизајнирани така за да растресат статус квото и да иницираат некаква промена.

(штитови направени во вид на корици од книги на студентски протести во Италија)

„Идејата беше на едно место да се соберат уметнички и дизајнерски предмети од активистички движења во последните 30 години", вели Гавин Гриндон, ко-куратор на проектот. „Тоа е дел од значајна област на која до сега речиси никој не ѝ обратил должно внимание". Изложбата е поделена тематски, прикажувајќи различни стратегии за постигнување општествена промена - директна акција, солидарност, јавно изразување мислење. Некои од предметите се практични, но и „многу утописки", како оваа гас маска за време на антивладините протести во Истанбул, рачно направена од пластично шише и хируршки маски, која не може да штити долго од солзавец, но сепак покажува високо ниво на непоколебливост.

Некои од предметите не се симулации, туку се оние вистинските кои се користеле во различни протести, и на нив е задржана прашината и дупките, често од полициски пендреци. Се менувале и плакатите, кои од 2009 наваму почнуваат да го губат униформниот изглед, и да промовираат индивидуален пристап на секој учесник. Има и такви кои се направени чисто да се „збуни непријателот", како коцка на дување користена во протестите во Берлин и Барселона во 2012, која истовремено симболизира дека „коцката е фрлена“.

Помеѓу предметите има и банкноти кои циркулираат одредена порака. Онаа направена за време на Occupy Wall Streetе поделена на пола со печат, претворајќи ја во дијаграм кој ви објаснува колкав дел од неа оди кај најбогатите 400 во Америка, а колку кај останатото население. „Демократската банкнота" од Бурма 1989 има посуптилна порака. На неа е ликот на генералот Аунг Сан, но уметникот ги омекнал неговите црти така за кога парата се држи на светло да го дава ликот на неговата ќерка, про-демократски активист.

На официјалниот сајт на изложбата има и упатства за изработка на некои од предметите, како на пример стенсили за графити или како да направите „флоун", мала верзија на дрон кој може да носи мобилен телефон за снимање на демонстрации, или пренесување друг вид предмети (како во видеото).

Изложбата трае до 1. февруари 2015, a влезот е бесплатен.

18 ноември 2014 - 09:09