Слаткото од смокви од сега ќе ни биде уште послатко

Љубовната приказна на осата и смоквата

„Почнува со секс и завршува со насилство“, вели авторот Мајк Шанахан за животниот циклус на тн. смоквина оса. Неговата нова книга се однесува на историјата на смоквата, но таа не може да биде раскажана без онаа на спомнатиот инсект - еволутивниот партнер на ова дрво.

Понекогаш зад изборот на статии во оваа рубрика има приказна. Денешната почнува со прашање на гостинка во нашата бавча кое нè затече - дали новопосаденото стебло смоква е машко или женско, односно дали сме сигурни дека ќе раѓа?

Во потрага по потврда дека смоквите навистина имаат машки и женски род како некои други овошки (на пример кивито), побаравме совет на Твитер, каде излезе дека има луѓе што знаат нешто за родовиот идентитет на смоквите кој - спојлер - не е бинарен, туку малку по complicated. Ни беше препорачан и документарец, под наслов „Кралица на дрвјата“ во продукција на Би-би-си од 2005, кој со задоволство го изгледавме. И, за истражувачката сторија да биде комплетна, наидовме и на книга издадена во 2017, под наслов „Богови, оси и давители: тајната историја и осветољубивата иднина на смоквиното дрво“ од Мајк Шанахан, која сосема добро се вклопува во темата.

А темата е следна: пред осумдесет милиони години, поради причини кои се збунувачки за човечкиот ум, бујните цветови на смоквата тивко се свртиле навнатре, изолирајќи се од надворешниот свет и чувајќи го скапоцениот репродуктивен полен за само еден посетител. Во редок пример на „моногамија“ која ги исклучува птиците, ветерот и куп други фактори на околината кои веќе не можат да помогнат во размножувањето, се воспоставил однос на меѓусебна зависност помеѓу смоквите и една мала оса, долга помалку од два милиметри. Со тоа што станала единствениот опрашувач на оваа овошка, на неа за возврат ѝ е овозможено да се храни со смокви додека е ларва, а потоа, по само два проживеани дена во кои треба да снесе нови јајца - да умре.

Причината за ваквата неславна судбина на осата е што за разлика од повеќето други овошки, смоквата има „повнатрешнети“ кластери цветови, она црвеното меко кое го јадеме кога плодот е веќе зрел, додека она што крцка се семињата кои се развиваат внатре секој цвет. Тие - цветовите - се совршено место за гнездење на оваа специфична и мала група оси кои можат да го откријат примамливиот мирис на смоквата. Женските оси влегуваат низ отвор на дното на плодот. Но тој е толку тесен што крилјата и антените мора притоа да им се скинат. Без можност да избега, осата потоа ги складира своите јајца во колку што е можно повеќе цветови, и тука си го завршува патот.

Но ова е само една од „жртвите“ на олтарот на еволуцијата и соработката во оваа приказна. Следни во низата се машките оси кои се раѓаат први, слепи и без крила, но со еден битен телесен орган (тенок но долг, ви текнува?) кој е сосема доволен за тие да си ја исполнат биолошката задача - да ги оплодат женските ларви додека тие уште не се ни изведени. Потоа, копајќи тунел за излез од плодот, и тие умираат. Женките се раѓаат веќе бремени (какво штедење репродуктивно време!), и ги користат претходно ископаните тунели за да се вивнат во небото, понесувајќи со себе примерок од поленот. Во текот на двата дена живот вон смоквата тие минуваат и големи дистанци во потрага по следното плодно смоквино дрво од соодветниот вид, во кој пред да им заврши животот, треба да влезат и да го почнат целиот процес одново.

Филмот „Кралицата на дрвјата“ во кој главен лик е една африканска смоква, детално го прикажува овој процес, кој сепак не е само однос помеѓу осата и дрвото, туку има влијание врз цел еден мал универзум на живи суштества - од жирафи, мајмуни и птици до крокодили и луѓе. Ваквите симбиотички партнерства не се невообичаени во природата. Кравите на пример во својот систем на варење чуваат здрави бактерии кои им помагаат да ја сварат целулозата содржана во тревата, а пак бактериите на таа сметка доживотно се снабдени со храна. Но смоквите и осите се малку поинакви. Нивното „пријателство“ има помогнато да се создадат и одржат повеќе видови птици и цицачи во споредба со кои и да е други дрвја - околу 800. И, секако, воопшто да постојат, и едните и другите.

И да одговориме на прашањето - дали смоквите се делат на машки и женски? Некои видови имаат машки и женски дрвја, но други се репродуцираат асексуално, без каков и да е пренос на полен, па така може да се каже дека не се ни машки ни женски, или се и машки и женски. Последниве се најчестите што ги јадеме, што значи дека може да сме мирни во однос на тоа дали има оси во пазарските смокви, иако ензимите кои ги испушта плодот додека зрее во суштина ги „вари“ телата на какви и да е инсекти кои се затекнале внатре.

После ова мало истражување ние поинаку ќе гледаме на смоквата како живо суштество, уште повеќе уживајќи во слаткото од нејзините плодови.

Целиот докуменатрец (52 мин) тука:

ПС. Фала на @therealpsmst за инспирацијата.

6 септември 2018 - 18:03