„Дебелата Розика“: приказната за жената тешка 270 килограми

Во ноември 1929 во Белград пристигнала необична атракција - жена тешка 270 килограми, за која весниците пишувале дека ѝ се потребни две столици за да може да седне. Тие повикувале народот да ја види во живо, а влезницата чинела два динари. 

Ана Шмит (1897-1931), со потекло од село во Германија, уште од мала била полничка. Но наскоро толку окрупнела што презентирањето на нејзиното тело можело да се искористи и да се наплати како атракција. Иако историските податоци се скудни, она што е забележано е дека во 1920-тите таа настапувала во виенскиот забавен парк Пратер, како „дебелата Розл од Минхен“. Горната фотографија, пак, е снимена во Белград во 1929. Нејзиниот менаџер Јакоб Фигл бил познат како „Барнум од Виена“ - според Финеас Тејлор Барнум, американски ипонер на циркусот и политичар. Тој и Розика патувале од град во град со години, а последната станица им била во Прага каде таа се разболела од ангина. Кога се видело дека ѝ нема спас, Фигл изнајмил кола со која ја донел во селото во Баварија од коешто потекнувала, за да умре на раат во родителскиот дом.

Ова го дознаваме од некролог објавен во „Илустрирте Коренцајтунг“ по нејзината смрт во 1931. Други извори за нејзините биографски податоци се и книги посветени на уметници и „чуда на природата“ кои биле изложувани како атракции на почетокот на 20 век. Освен „Дике Розл“ (Дебелата Розл) настапувала и жена под име „Дике Мици“ (Марија), за која има уште помалку податоци. Она што се претпоставува е дека обете страдале од хормонални проблеми поврзани со тироидата. Текстовите забележуваат дека Розика имала „убаво лице и црна коса“, и дека била висока 178 сантиметри. 

Долго време се мислело дека „Розика“ или „Роза“ и „Дебела“ се нејзиното вистинско име и презиме. Но документи пронајдени дури во 2012 го откриле вистинскиот идентитет, дека станува збор за Ана Шмит. Нејзиното движење низ Европа е трасирано и индиректно, преку спомнувањето на уметничкото име во други мемоари и книжевни дела. Така, австрискиот колажист Макс Рикабона се сеќава (според некои толкувачи - измислува) дека го сретнал Џејмс Џојс летото 1932 во западна Австрија и патемно спомнува дека истовремено во тоа место, Фелдкирх, гостувала „Дике Розл“. Токму овој податок за истражувачите претставува појдовна точка за истражување на нејзините движења и на целата таа култура на спектакл, со изложување на необични човечки тела.

25 октомври 2021 - 08:10