Канта

MoMA за вас прекрасни луѓе

Њујоршкиот Музеј за модерна уметност заврши со дигитализацијата на сите трудови од изложбите што се одржани во него од 1929 до 1989, и заедно со 33 илјади фотографии, 800 изложбени каталози и околу 1.000 документи поврзани со 3.500 изложби ги објави на интернет. Бесплатно. За некое време ќе има и апдејт за периодот од 1989 до денес.

Мајки на годината

Иако тесен избор, нас некако нè ќари: „Со маж ми зборувавме за развод, ама ниеден од нас не сака да ги земе децата.“

Буквално апартман на планина

Го водат како хотел ама не само што нема рецепција, фоаје или тоалет, туку собите немаат ниту ѕидови. Се работи за швајцарски хотел, чии сопственици размислувале во правец - зошто да ги затвораме гостите меѓу гипс картон, кога можеме сред планина да им поставиме крвет и наткасни. Ноќевањето под отворено небо чини околу 250 долари од вечер.

Сам свој мега-цар

Зашто да се ограничуваш и да чекаш на Космосот да му текне дека ти треба да си светска мега-ѕвезда каква што отсекогаш знаеш дека треба и можеш да бидеш. За да ја истераш сопствената космичка правдина, на своја страна ја имаш Flippy, апликацијата за Ајфон што го монтира твојот лик на спотови од најразлични музички хитови, мада фаќа и на други видеа. И ова стварно функционира.

Хилари во земјата на чудата

Извадоци вон контекст од синоќешното појавување на Хилари на демократската конвенција. Исклучиво од делот со балоните, соодветно спакувани во гифови.

За графити што може човек да ги разбере

Француски цртач на графити се одметнува од секој можен канон на шкртање графити, и почнува да шара во печатен фонт. Целиот проект има просветителска жичка, па тој постојните ишкртани ѕидови ги префарбува во бело, по што ги враќа графитите транскрибирани во печатна форма. Ако сте се мислеле што кажуваат, ништо не кажуваат.

Доналд Трамп, човек со јасна визија

Изјава на републиканскиот кандидат за прв човек на САД од далечната 1998 година. Уште тогаш вика дека ако некогаш се кандидира за претседател, ќе се кандидира како Републиканец. Зошто?

Бескрупулозно искрен Инстаграм за родители

Профилот е Average Parent Problems (@averageparentproblems) и во зависност до кај сте на тема деца може да ви изгледа како "Денот на мрморецот," "Пророштво кое неизбежно ќе се оствари" и "Цела среќа што во мое време немаше Инстаграм".

Повик за свесност околу дихидроген моноксид (ДХМО)

И покрај тоа што хемикалијата докажано е доволно силна за да предизвикува ерозија на природниот пејзаж, и неповратно успева да кородира голем број метали, таа упорно без никакви предупредувања се користи во секојдневната исхрана и општо во животот. Прво треба да си признаеме дека проблемот е далеку од решавање, меѓутоа тоа не значи дека не можеме да преземеме чекори за превенција и информирање.

Воинот на брег

Во југоисточниот град Џингоу е подигнат споменик на легендарниот кинескиот воин Гуан Ју. Споменик од типот висок 58 метри (Воин на коњ сосе столбот е околу 25 метри), тежок 1320 тони, составен од 4.000 бронзени плочи, а во него има и музеј од 8.000 метри квадратни.

Самата невеста

Тазе брачен пар договараат и уплаќаат меден месец во Грција. Затоа што се од Пакистан, им треба виза. Од непознати причини, таа добива виза, тој не добива виза. Од причини чисто несебични тој ја тера сама да оди на одмор, да се прошета и да ја види Грција. Тоа што е сама во Грција не ја спречува да го вклучи и сопругот во своите фотографии... некако...

Од кампањата против правото на глас за жени

Разгледниците се некаде од почетокот на 20-от век и периодот кога во САД во најголем ек е борбата на поборничките за право на глас на жените (сифражетки). Нормално, не биле баш сите со симпатии кон каузата.

Кој бе не знае акорди?

Прилично бесмислена механичка справа за свирење гитарски акорди. Нема да го извадите G7sus4 но со помош на тие стапчињата за сладолед ќе може да ги произведете G, D, C, A мол и E мол, кои ви се доволни за илјадници песни, меѓу кои и најглупата на сите времиња ,"Криво је море".

Роналдо: Додирни ми колена

Момент од финалето на европското првенство, Роналдо веќе е на клупа заради повреда на коленото: Зошто само мене да ме боли?

Пред да решиш дека ќе се селиш на Менхетен

Позитивната страна на реакциите е што сфаќаш дека речиси секој има проблем со цена од 12 долари за пакување од 12 јајца. Фотографиите се направени низ Менхетен.

Џастин Трудо конечно заеба работа

Актуелниот канадски премиер досега играше непогрешливо и добиваше чисти десетки и за техника и за уметнички дојам: од политичките ставови, преку општото ниво на култура и знаење (види овде) па до стилот на облекување. Но, им се случува тоа и на најдобрите:

Борис Џонсон се појави на Порнхаб

На најпопуларниот порно сајт на светот некој го ставил говорот на Борис Џонсон. Од локацијата на која одбрал да го сподели а особено од насловот на клипот, јасно е што тој мисли за Џонсон и излегувањето од ЕУ.

Не се закачајте со кинеска стјуардеса

Кинеските стјуардеси не ги обучуваат да се смешкаат и да бидат љубезни со патниците. Ним тоа природно им доаѓа ако успеат да ја завршат обуката.