Видео

Глигор од нашиот лифт

Еве идеја како може да го искористите овој период во кој прва и последна тема на сите муабети е времето (тагови: изгоревме, не мрда, утре бетер ќе било, џабе туширање, цела недела вака ќе биде, тибам владата...). Ви треба само лифт и сопатник за кого знаете дека е безопасен. 

Мормони во гето

Двајца бели дечки (кои според авторот на клипот се мормони мисионери) некако завршуваат во гето и некако успеваат да натераат двајца локални црнци да играат баскет со нив 2 на 2. Може и има Господ.

Болките на станување татко

Не се болките инстантни, туку доаѓаат некоја година подоцна и неизбежно ќе ве стигнат. Барем така сметаат од Дурекс, ама нудат и решение.

Посолено од Вернер Херцог

Што има ново со прочуениот германски режисер Вернер Херцог? Има ново, само што не е продолжение на Носферату туку нудење сол. Во проект на Кикстартер, Херцог решил да му помогне на пријател за да ја рашири дистрибуцијата на својата сол со органски зачини. Кој заради фетиш кон храната, кој заради гласот на Херцог, кликајте плеј.

Како реагираат Германците на Брза помош

Аутобан е мрежата на автопатишта низ Германија, кои освен што се широки, прави како писта и имаат по 3 ленти, немаат никакво, ама никакво ограничување на брзината (иако генералната препорака е да се вози со 130 км/ч). Еве што се случува на овие автопатишта кога ќе се огласи кола на Брза помош.

Големиот

Мега трејлер со сите за кои што сме навивале, против сите што не се од наша. На крај победуваме.

Лице в лице со Карл Јунг

Работно витален и на свои 84 години, легендарниот швајцарски психијатар и теоретичар Карл Јунг зборува за религијата, образованието, свеста и совеста и својот лав/хејт однос со конкурентот Зигмунт Фројд. Би Би Си, 1959-та.

Електрификација на точаците

Во суштина бицикл е бицикл затоа што нема мотор. Да имаше мотор, ќе беше моторцикл. За сите оние на кои не им пречат ваквите јазични детали, тука е Руби, едно мало кутивче кое секој велосипед го претвора во електрично возило.

Jackass: Bad Grandpa

Трејлер за новиот Џекес и новиот Џони Ноксвил, или замислете филм со човек што е половина Џони Ноксвил, половина Борат.

Звукот на Хонда

Хонда прави римејк на возењето на Аиртон Сена на патеката Сузука во 1989-та. Целиот римејк е со звучници и светло, по должина на целата патека.

Бебето што кажа не на малтретирањето

Мал бебуш немилосрдно малтретиран од таткото пред очите на својата мајка. После некое време на кутрото девојче му доаѓа преку глава и решава да се спротистави на изживувањето.

6-те гитари на Марк Нофлер

Се лепел по излози и зјапал во електричните гитари. Ги душкал каталозите на Фендер. Откако го измолил својот татко да му ја купи првата гитара (Хефнер, за 50 фунти), немал храброст дa му каже дека за неа треба и појачало. Документарец, 43 минути.

 

Маркетинг менструација

Не сме најупатени во оваа проблематика, ама, мора да постои подобар начин да се рекламираат женски тампони. Еве не знам.

Порно секс vs. секс

Како порно сексот е различен од сексот во вистински живот, целата расправа објаснета со храна и кујнски помагала.

"За Београд", 33 години подоцна

Во 1980-та година, браќата Миодраг и Ненад Костиќ влегоа во разницата на културното наследство на екс-ју просторите пеејќи ја легендарната песна од филмот на Слободан Шијан, Кој тоа таму пее. 33 години подоцна, на филмскиот фестивал во Мотовун.

Што не кажаа медиумите

Американската десница тврди дека главните медиуми испуштиле доста битни работи во портретирањето на ликовите во случајот Мартин - Зимерман. Да потсетиме, судот го ослободи убиецот но јавноста застана на нозе против пресудата која се толкуваше како остаток од расната дискриминација.

Ја свири, ја топе

Кратка видео снимка од една венчавка во која нема да ве занима ни невестата ни младоженецот туку цело време ќе чекате да го видите криминалецот кој седи зад оргуљите.

Ова е вистински настан

Снимка од 90-те од акција на Јужно-африканските специјалци за спречување вооружен грабеж. Некаде после средина почнува холивудска акциона сцена.

Пазете се од жени со бебиња

Од секојдневието на еден човек кого искуството го научило никогаш да не им верува на жени со бебиња. Конкретнава, не само што лесно ја изгуби главата на своето чедо туку на крај го обвини и партнерот затоа што не можат ни пристојна носилка за бебиња да имаат. Но, барем насмевката ја нема изгубено.

Џек пот

Ако во несреќен случај изгубите една своја рака (ви ја одгризе лав,  ве стигне шеријатска правда и сл), отсега имате една секирација помалку во врска со својата нова телесна конфигурација. 

Старост исполнета со пиксели

Приказна за 97 годишниот Хал Ласко, поранешен графички работник и типограф. Пред 15-тина години почнува да го губи видот. Волјата за живот му ја враќа неочекуван ангел - програмот Пеинт на Мајкрософт. Оттогаш, 10 часови на ден, пиксел по пиксел, дедото си ја полни смислата на своите старечки денови.

Хаус, концентрирана верзија

Доктор Хаус траеше 8 сезони или 177 епизоди. Еве ја целата серија сведена во 7 минути и 41 секунда, главната приказна околу Хаус, без делот со работата и дијагнозите.

Нутела, гледаш ли ти ова?

Следниот game changer во нашите животи нема да бидат цвикерите на Гугл (ко да и ова што сега го гледаме без нив не ни е ту мач) ниту некој нов смартфон кој ќе ни понуди уште некој вишок гигапиксели. Тоа е тегла која се користи како кармин за да може конечно да ја надминеме искрената болка кога оставаме делови од нашата омилена мазалица во оние нефер ќошиња на дното или пак во онаа кривина при врвот која ни е недостапна ко ЕУ.

Во чест на пластиката

Еден денешен ироничен спот и една стара добра песна.