Видео

Pimp my сладолед

Почнуваш со сосема исправен и функционален Магнум сладолед и после само го апгрејдуваш со секакви видови подобрајзери. Нормално за било што од ова да ти фати на сладоледот, прво треба веќе пречоколадниот сладолед да го потопиш во некакво стопено чоколадо.

За следната пијанка во викендица

Ваква егзибиција може да ти дојде на памет само во две околности: 1. Ако си дрвосечач (а се кладиме дека не си) па ова ти е некаква Ол-стар викенд дисциплина или 2. Ако си доволно пијан во двор сред планина а тоа трупците почнат да те провоцираат. Бонус поени за дечкото што ова го прави без ракавици.

Непотребно прашање на денот: дали си побрз од стапица за мечки?

За што било да постигнеш во живот треба многу посветеност, упорност и вежбање. За ова стварно не знаеме како се вежба.

Еден морал и два вида фетуси?

Запазете збунетост кај Џејмс Франко (од неговата Јутјуб серија „Време за филозофија“) кога околу моралните дилеми на раниот абортус, професорка од Принстон му објаснува дека има два вида фетуси, едни кои имаат иднина и едни кои немаат иднина (??), па оттука, вториве баш и немаат морален статус. Јеби га, Je Suis Franco.

Искрено за музичките фестивали

Американциве имаат така набиена летна фестивалска сезона што личи на распоред на српски пејач во македонски летни дискотеки. Кочела, Бонару, Лолапалуза... и сите се блесаво скапи, и целата публика се претежно невработени млади, и пак сите прават пари.

Што ако некои од најславните режисери беа славни готвачи

Рецепт за паста сниман од Тарантино, вафли од Мајкл Беј, палачинки од Куарон, мачмелоу од Вес Андерсон (или барем најприближно што се може до ОЦД кадрите на Андерсон).

Како тоа не си играј со кибрит?

Дури и да знаеме ова да го направиме како што не знаеме, уште од сега се осеќа дека трпението ќе крахира меѓу 10-то и 20-то шкорче. Во секој случај бравос за ликов и за знаење и за трпение.

Безстолично седење

Само човек што нема добиено проширени вени од стоење по шанкови може да поверува дека ова го измислил некој што немал каде да седне на работа. Не е важно кој и зошто го измислил, важно е дека толку е од муабетите "не може на нозе да стои".

Мисија "Еркондишн"

Правилото е дека ако во животот сакаш во свои очи и пред сам себе да останеш маж, никогаш немој да гледаш климаџии (и сличен монтажерски еснаф што виси по објекти) како се бесат за да ја наместат надворешната единица од климата. Дечково ги преоѓа границите дури и за монтер на клими.

Пит-бул си е пит-бул, служба си е служба

Еден од главните аргументи на сопствениците на пит-були и слично озогласени раси на кучиња е дека кучето само по себе не е агресивно, туку дека зависи од сопственикот како ќе го воспита и дресира. Пример ова е пит-бул кој треба да им помогне на луѓе со епилептички напади и да им ја заштити главата.

Музика без подобрајзери

Гласовите на некои од најпознатите ликови од поп музиката, оставени сами на себе, без ни најмалку аутотјун. Некои звучат како што можеш да очекуваш од професионален музичар, некои пак се живо оправдание за популарноста на аутотјун.

ТВ водител и џентлмен

Сајмон Меккој е спикер на вести кој од 2004 е во Бибиси, а пред тоа уште 16 години работи на британските медиуми. По сите овие децении кариера на ТВ, доаѓа лето 2017, новински неподнослива досада од која не може да се избега како од скопски 30 степени пред полноќ, ама и тоа мора да се истера. Сите џомби од редакција веројатно му се на одмор, па вестите му ги спрема новата постава неповратно заразена со интернет вредности како - кучиња на даски за сурфање. Не со мерак, ама и тоа ќе го истера.

Грчкиот јазик кој исчезнува

Луѓе што живеат во села од разбиен тип развиваат еден свиркачки јазик кој им помага во меѓусебното комуницирање а им штеди енергија и километража. Имавме за Турција, еве ја сега и Грција. Легендата вели дека во Галичник обидите со свиркање да побараш нешто од комшијата замреле затоа што секој свиркачки одговор гласел: Немам. 

Што не се кажува на жена во бурка

Неколку отракани жени во бурки се зезаат со стереотипите за нивниот изглед со кои секојдневно се среќаваат. На пример кога некој ќе ги праша: „А што тоа криеш?“, а неа ѝ доаѓа да одговори: „Експлозив“.

Тренинг за каскадери

По сето тоа што го видовме од него во овие 2 минути, и тоа што го видовме од себе во последниве над 30 и кусур години, неизбежен е заклучокот дека не е можно да сме од ист вид со овој човек. Инаку Словенец е, и се вика Томи Михичинац.

За манекенцките работи

Некако и пред да ги видиме овие акробации знаевме дека не сме ние за манекенскиот бизнис. Сега сме апла сигурни.

До размазувањето и по него

Сè тоа е слатко и убаво кога како гест на бескрајна милост кон своето дете решаваш да истетовираш тетоважа што тој / таа ја нацртало. Проблемот е кога по вакво нешто на истото ова дете треба да му се истопориш како авторитет и да му кажеш - изеди тоа грашокот.

Правила за справување со руски падобранци

Прво правило: Избегнувај руски падобранци на Денот на падобранецот.

Второ правило: Ако на Денот на падобранецот налеташ на руски падобранец, прочитај го првото правило.

Кога пијаниот ќе си најде банкомат

Едно фино ниво на пијанство е, да речеме, кога нема да влезеш на утакмица на Сан Сиро пошто ти увалиле фалц карта, па се олешиш заради тоа па таков размонтиран влезеш во миланско такси и на шоферот му кажеш: „Вози до Драмски“. Ова нема везе со тоа, ама за слични промили се работи.

Што ако Епл беше држава

Државата ќе има 116 илјади жители (бројот на вработени на Епл), а по приходи ќе биде нешто подобра од БДП-то на Виетнам (203 милијарди долари). По оваа математика секој од овие 116 илјади инстантно ќе добие чек од 380.000 долари.

Мезето обединува

Единствен момент кога ајкула не е заинтересирана да изеде фока или туна, е кога сите три му се намерачени на многу поситен и помалку проблематичен плен. Дури и на китот не му пречи да се вклучи во вака нефер разнебитувањето на јато сардини.

Пешачење сред небо

Не е вест кога ќе се отвори 500 метри долг мост. Вест е кога ќе се отвори 500 метри долг висечки мост, на 85 метри над земја и кој може да се пројде само пешки. Моментално ова е најдолгиот пешачки мост на светот и се наоѓа во близина на швајцарски Цермат.

Сите с(м)е исти

Националната припадност кај човек создава една варлива самоувереност која најчесто непроверено седи на ставот дека си 100% чист Македонец, Србин, Исланѓанин, Курд, Бразилец или што и да е. И сето тоа одлично те служи затоа што таа непровероност беспрекорно ти помага во формирање на своите глупи омрази кон другите (не дека ако си со докажано потекло имаш оправдание за својата омраза). Да се разбереме, ништо не е 100% и ништо не е така чисто. И тоа не е лошо.

Хајлајтс од првиот Дрим тим

Не сте вие стари, ама Дрим тимот наполни 25 години. Во негова чест ФИБА објави компилација од најдобрите моменти од првиот натпревар на првиот Дрим тим. Потсетување како изгледаше неговиот состав: Џордан, Меџик, Бирд, Јуинг, Баркли, Мелоун, Стоктон, Пипен, Робинсон, Малин, Дрекслер.