Видео

Пешачење сред небо

Не е вест кога ќе се отвори 500 метри долг мост. Вест е кога ќе се отвори 500 метри долг висечки мост, на 85 метри над земја и кој може да се пројде само пешки. Моментално ова е најдолгиот пешачки мост на светот и се наоѓа во близина на швајцарски Цермат.

Сите с(м)е исти

Националната припадност кај човек создава една варлива самоувереност која најчесто непроверено седи на ставот дека си 100% чист Македонец, Србин, Исланѓанин, Курд, Бразилец или што и да е. И сето тоа одлично те служи затоа што таа непровероност беспрекорно ти помага во формирање на своите глупи омрази кон другите (не дека ако си со докажано потекло имаш оправдание за својата омраза). Да се разбереме, ништо не е 100% и ништо не е така чисто. И тоа не е лошо.

Хајлајтс од првиот Дрим тим

Не сте вие стари, ама Дрим тимот наполни 25 години. Во негова чест ФИБА објави компилација од најдобрите моменти од првиот натпревар на првиот Дрим тим. Потсетување како изгледаше неговиот состав: Џордан, Меџик, Бирд, Јуинг, Баркли, Мелоун, Стоктон, Пипен, Робинсон, Малин, Дрекслер.

Драчевски "Брејкинг бед"

Царина / полиција запленува пратка кромид полн со дрога. Прво прашање: како воопшто на некој му текнало ова? Второ, подеднакво важно, прашање: како некој воопшто го извел ова? Бонус: како ги фатиле (ако не се искодошени)?

Готвиме со Јапонки

Рецептот е за ракчиња, состојките ги имате внатре, времето за готвење е 3 секунди. Во овие 3 секунди е целата јапонштина што може да собере една реклама.

Технологија, затоа што домашното воспитување не успеа

Не можејќи да го трпат отпадот што им се лепи по раце, нозе и даски за сурфање, двајца сурфери седнуваат и изработуваат автоматска канта за чистење ѓубре од море / океан. Е сега, кога момциве би направиле исти вакви канти што ќе можеме да ги пуштиме по копно и да жнеат ѓубре во Градски парк, на кеј, на кеј ГТЦ, на Водно, на булевар, покрај пат на семафорите пред Стража, на автобуска, сме решиле 7 од бескрајната низа начини на кои успеваме да ја изгнасиме околината во која живееме.

Момците што ги измислија сите здрави јадења во последнава деценија

Ок, целиот скеч е пародија, ама може да пројде само затоа што целата индустрија за супер-лековити-магично-здрави јадења е смешка (што заработува милијарди долари годишно).

Една изгужвана снимка од Скопје по земјотресот

Во катастрофата загинуваат од 1000 до 1100 луѓе, а паралелно со нив најголема нечовечка жртва е старо Скопје. Инаку станува збор за приватно видео снимено вон сите тогашни телевизиски репортажи (аудиото е подоцна додадено).

Како изгледа кога ќе ти успее сè што си замислил (на билјард)

Магичноста на ова што ќе го направи играчов најдобро е доловена од коментаторот на натпреварот: "Може да се убијам ако мене некој ми го направи ова."

Видео што нема да ви одмогне во живот

Да не бидеме премногу амбициозни дека ова нешто сериозно ќе ви смени во живот. Ваше е кога ќе решите да го послушате и практикувате ова што ви го кажува, негово е да ви каже 5 фори за чистење кујна. Пред употреба, да се купи многу оцет, сода бикарбона и лимон.

Битката за Мосул во 82 секунди

Тоа што видеото е направено така чисто и педантно, без капка крв, болка и човечко страдање, совршено ја покажува перспективата на војната на оние што командуваат во нејзе, а не на оние што ја водат на терен. Ова парче од историјата на Мосул започнува во 2014 кога ИСИС го освојува градот.

Како тоа мислиш ни снемува песок?

Ни снемува од песокот за градење, од тој бескорисниот, пустински, имаме колку сакаш. Пустинскиот е неупотреблив затоа што е премногу ситен, па од овие причини Дубаи целиот песок за изградба на Бурџ Калифа го увезува од Австралија.

Некому лав, некому зајак

Јапонци исфрлуваат забавна емисија во која натпреварувачот не треба да направи ништо освен - да пипне лав. Кај нас на ТВ максимум зајак се има појавено ама кај нас па задачата на водителот е малку поинаква.

Како Африка превоспитува силувачи

Правната држава му покажува на дечкото дека онаа неиздржлива тежина што ја осеќал во пределот на препоните пред да проба да силува девојка, и не е најголемата тежина која тој предел ќе ја почувствува во неговиот живот. Погодете за што му се обесени оние камења?

Штетноста на бесплатниот паркинг

Иако добро за тебе ако си дојден со кола, за градот и населбата во која се наоѓа, урбанистички не е ни приближно до добро. Парадоксот е што паркингот зафаќа претерано многу простор, заради што ги оддалечува објектите, и ова паѓа на сметка на пешачењето кое се заменува со возење, заради што пак требаат повеќе коли и повеќе паркинг. П.С. Тоа што некаде не плаќаш паркинг не значи дека е бесплатен, само дека ти е вметнат во цената на работите што таму ги купуваш или плаќаш (кафе, супермаркет, кино...).

Форите со карти на слепиот магионичар

Он не се доживува како магионичар, туку како „механичар за карти“, и сака да покаже (и вам, и на Пен и Телер) зошто не треба да играш карти со луѓе што не ги познаваш. Остај го што збори, магионичар е.

Кога ќе капне малку повеќе во маркетинг буџетот

Зошто наместо стандардно безлично досадно видео за безбедност во авион, да не направиш супер интересно видео за безбедност во авион, со некои од најголемите ѕвезди на денешницата? Дебелкото не е една за ѕвездите, барем не за сега.

Еволуција на ексју-музиката

Двајцава момци и копијата на Јул Бринер се нафаќаат на еден веќе повеќекратно виден потфат на Јутјуб, ама не и во локална варијанта - препејување на неколкудеценискиот развој на музиката. Да не бидеме нешто нагло изненадени или увредени, како и до сега и тука под ексју-музика се опфаќа само просторот меѓу Блаце и Словенија.

Најздравите пијалаци во светот

Скоро сите се одвратни, и (без скоро) сите до еден не се магични како што ги продаваат, ама тоа никогаш до сега никого не пишманило. Исклучок од ова е последниот, кој во нормални количини, излезе дека стварно има магични својства.

Сè додека тушот не ве раздели

Сопругата на комичарот Том Сегура, во програма му објаснува на нејзиното животно од маж кога нивните, некогаш романтични заеднички туширања, станале неподносливи за неа. Џабе ќе фаќате страна, треба да ви е јасно дека машкото и женското се две непомирливи „школи“ на туширање.

Спектакл од загадување

Во нешто налик добро осмислен холивудски ефект, сред ноќ минува воз а од чадот што го испушта паѓаат илјадници светулки. Во нешто налик кинеската реалност, возот минува во близина на кинески рудник за јаглен, а светулките се честички јаглен што летаат во воздухот.

Што е магијата на мињоните?

Излезе не толку до магијата колку што е до математичката равенка во гласот, и како што објаснува Треј Паркер (Саут парк) кај и да го искористиш ефектот ќе биде поеднакво неодлив за публика.

Џам идеја од пластика

Кога хукате, од уста ви излегува топол воздух. Кога дувате низ затворена уста, излегува ладен. Така? Така така, харе харе.

Проблемот со претерано пријателски настроените луѓе

Не, ама стварно е проблем. Да, ве разбираме ние вас и сè тоа е убаво, ама разберете нè и вие нас. Стварно е проблем.