Разно

Проблемот со рокот на траење

Наместо да постои еден универзален термин, пр. „не е за консумирање по тој и тој датум“, компаниите како да даваат сè од себе за да го збунат купувачот. Па имаш „најсвежо до“, „пакувано на“, „да се продава до“ и слична креативност. Најголемиот ланец супермаркети во САД анализираќи ги производите што ги продаваат, открива дека има 47 различни термини што производителите ги користат за обележување на рокот на траење.

Ок, дај!

Цела среќа Германциве не ги тера ист малер за технологија, ко што е за фудбал. Изумот на еден германски студент: „ербег“ за смартфон.

Стари навики

Кога некоја узречица ќе ти влезе во систем џабе после цел живот одвикнување... посебно ако не ти е до одвикнување.

Гордон Ремзи, шеф и родител

Гордон Ремзи како еден од најдобрите телевизиски примери на Џекил и Хајд. Да го видите со дечурлана, па потоа и со возрасни.

Носталгија за милијардери

На што се радуваат двајцата најбогати луѓе на светот? Колку добри бонбони имале кога биле мали, мислиш цел живот на Краш 505 растеле.

Кога соништата не ти се остваруваат, но можеш да се преправаш дека ти се оствариле

Фино регресивно инспирационо видео, таман за оние времиња кога раст од 0,1% е  економски бум, кога менување на идентитет е јакнење на идентитет, кога Грција веќе не може да ги кочи ни потенцијалите на Љубе Бошкоски како советник за странски инвестиции....

Дел од видео-игри што беа претставени на Е3 2018

Electronic Entertainment Expo или Е3 во Лос Анџелес собира сè што има од електронски ентертејмент од производители на конзоли и останат хардвер до автори на видео игри, кои имаат шанса да го покажат најдоброто од себе и што сè имаат сработено изминатата година (или години). Ова е дел од презентираното на првиот ден од саемот.

Слепиот човек кој вози точак

Точно е дека звучи неверојатно, ама ако ние при здрави очи можеме толку упорно да бидеме слепци, зошто тој без очи не би можел да види што му е пред нос?

Сите вие сте злато од возачи, и не ги слушајте другите што ви зборат

Без да имаме поим како е стигнато до тука, видеото почнува од моментот кога возачот на белиот џип се залетува во разлупаната Хонда. И потоа ова го повторува уште десетина пати. Муабетот ни беше, видиш и не е толку страшно што сите што возат кола низ градов дремат на свирка.

Што би било кога Холанѓаните стварно би решиле да изградат планина?

Прво ако немаш фарон или кралска династија што владее со пола свет, целиот проет е неостварлив. Второ, ако на Холанѓаните им било важно што е неостварливо, пола држава сега ќе им беше под море. Трето, сериозно е неостварливо.

Како ти се упропасти багажот и зошто не можеш да направиш ништо во врска со тоа

Сезонскиот кошмар од летање во најфреквентниот дел од годината преточен во едно видео. Равенката е дека колку што ние треба да имаме разбирање за нив и нивната работа, толку и тие треба да имаат разбирање за нас и нашите работи.

Што може да направи група Амиши за 9 часа

Видеото е снимано во еден ден, почнуваат во 7 часот, завршуваат во 17 часот, во 12 имаат еден час пауза за ручек. Предизвикот е: да се направи штала. Затоа што се Амиши, нормално нема ништо од алат на струја. Три, четири, старт!

Разгледница: Југославија 1972

Извадок од холандски документарец од 1972-ра од егзотичните краишта на Европа, во кои се случува еден бајковит хепиенд по векови војни, насилства и балканштини.

Јапонци пробуваат оригинал американско суши

Мислиш дека ти имаш нервози што луѓе го викаат она штипскиот леб со месо „пастрмајлија“, па ќе го видиш овој изнапатен јапонски народ како мора со децении да трпи Американци да им го сквернават поимот за суши низ светов.

Дебата за политичката коректност

Во едниот табор се Стивен Фрај и Џордан Питерсон. Во другиот табор и да не знаете кои се, ќе гледате заради овие двајца. Или затоа што ги почитувате како нас, или затоа што не можете да ги поднесете зашто ги почитуваат луѓе како нас. Ете како ви отидоа два саата.

Џабе ти е броењето калории

Како што објаснува научникот од Кембриџ не треба да го бркаш бројот на калории што си ги внел. Она што е важно е „калоричната достапност“ односно колку калории од одредена храна се апсорбираат во твоето тело.

Некој се потрудил да го спакува Виндоус ИксПе за 2018-та

Оригиналот е од пред 17 години и во тоа време беше сериозен технички исчекор, а и визуелен. Ни крив ни должен ИксПе во следните 10 години беше водечки оперативен систем, додека Микрософт размислуваше што ќе прави со себе. Камер Кан Авдан прави дизајнерски римејк на оперативниот систем и го шминка за 2018.

Продавачите од најголемиот трговски за продажба на големо во светот

Титулата „најголем“ Јиву интернешн трејд маркет ја добива со 8 километри ходници за шпартање и над 75.000 продавници од кои секоја претставува некоја фабрика од Кина. Видеото е посветено на продавачите од трговскиот. Нешто како шопинг-мол „Барака“.

Историја на Универзумот

Наше е да ви кажеме дека секоја од овие домино плочки претставува 1 милион години. Останатото ќе ви го каже човекот кој за видеово нареди 300 метри домино плочки.

Показна вежба: како да изградиш 70-метарски тунел за еден викенд

Викенд проектот опфаќа корнење на асфалтот на 6 ленти, корнење ограда, копање дупка, да го „извозиш“ тунелот на место, да ја покриеш дупката, да тампонираш, да го вратиш автопатот во почетна позиција и пред понеделник да биде во возна состојба. Три-четири сега.

Je suis туристи

Француско семејство на тура низ сафари парк, а притоа наштелувани како да се во Дизниленд. Од муабетот во клипот разбравме само „Oh my god,“ „What the fuck,“ и „Jesus“, и ние отприлика сме на ист памет. П.С. тие што ќе ги видите се оригинал гепарди, ниту дресирани, ниту на апчиња за смирување.

Роботот на Бостон динамикс сега и трча

Се работи за Атлас, истиот робот што скокаше пред некое време, чиј контролен систем го координира движењето на рацете, торзото и нозете „за да постигне мобилна манипулација“ на целото тело. Терминатор лајкс дис.

Корисноста од создавање бескорисни работи

Симон Гирц е инженер и една од најфантастичните појави на Јутјуб, каде најчесто ги презентира своите никако употребливи роботизирани изуми од типот шлем за миење заби, кој не функционира, или аларм за будење со шамарање, кој технички функционира. Симон има цела филозофија зад потребата од бескорисност.