Разно

Малиот Емануеле и папата Франциско

Поглаварот на римокатоличката црква го теши малиот кој се расплака сакајќи да го праша дали неговиот татко е во рајот, а бил атеист. Одговорот на Франциско не е боговски, туку уште поголем - човечки е. И стварно, дали оние задрти верници мислат дека големиот Креатор би му замерал на некој кој не бил верник, ама па создал ваков син?

Не е направено нешто што Кинези нема да го преварат

Кинеска осигурителна компанија има понуда за пакет за здравствена заштита чија цена е директно врзана со твојот смартфон: ако смартфонот регистрира дека си направил 10.000 чекори на ден (околу 8 километри), добиваш попуст на осигурување. Тука некаде Кинезите се пуштаат во размислување и толку беше од непробојноста на понудата.

Масовно по риба

Само еден ден во годината луѓето од народот Догон имаат право да ловат риба во светите води на езерото Антого. Вака масовна сцена немате видено од Господар на прстените. Како се залетаа, мислиш крст ќе фаќаат.

500 години под жените

Убава видео ретроспектива на главните женски ликови кои се појавиле во западната уметност во последните 500 години. Отприлика секој попознат женески портрет, од Да Винчи до Пикасо.

Кемтреилс, алуминимум и такви работи

Ова е едно од оние видеа кои ти ги пуштаат на меил со порака: „Објавете ова сите да видат и конечно да отворат очи“. Го пуштаме пошто ни е супер таа замисла, веќе утре одиме по улица,  а оно сите околу нас, со отворени очи.

Такер Карлсон и Либералниот шерпас

Ни на Карлсон не му се верува колку лесно се шеба оваа персона. Си ја начека како маскота и сега за свашта ја вика, а рубриката ја потпишува како „Либералниот шерпас“. Лујката прифаќа па промовира онакви „out of space“ идеи заради кои на многумина нормални им збоктиса сиот тој блок и за инает гласааа за Доналд Дамб. Шерпасот бара на факултетите да има кабини за плачење, за да можат снегулките низ солзи да го излијат стресот од себе. 

Дали „омаж“ е навредлив збор за жените?

Конзервативците често знаат да дрват со својата сериозност но дури и перјаница од нивните редови каков што е Такер Карлсон станува шармантен заебант кога ќе му се напенали една ваква „либералка“ (жива греота е какви замлати го контаминираа тој поим). А таа се дала во битка да го исчисти англискиот јазик од зборот „MAN“ кој бил навредлив за нивната тоталитарна секта. А МАНчестер? А ГолдМАН сакс? „Ах, не одам јас во шопинг во Голдман“. ќе каже интелектуалката.     

Како Нов Зеланд бара полицајци

Супер шармантен спот за регрутација на нови лица во полицијата на Нов Зеланд. Чудна некоја земја е тоа. Триста работи кажаа, партиска книшка не спомнаа.

Вселената мириса на изгорена кременадла

Астронаутот Крис Хедфилд стана познат по оние кул видевца што ни ги праќаше додека беше пожарен кај сошките на Меѓународната вселенска станица. Овојпат на многу разумен и разбирлив јазик зборува за некои од најраширените митови поврзани со неговата работа. Остајте нè нас што сме издвоиле за наслов (такви се нашите хоризонти), изгледајте го целото парче кое е ем интересно ем корисно.

Туристичка атракција што не мора да ја посетите

Се наоѓа на планина во Непал, и атракцијата е што се возиш по пат кој постојано е поплавен од вода од водопадот над што е над него. И сето тоа покрај провалија. И на удолница.

Советски брејкинг њуз: Ози Озборн и Чорни Шабаш

На руска телевизија од советско време (годината е 1972) на младината им се објаснува Ози Озборн и Блек Сабат. За таканаречениот рок колектив Чорни Шабаш се вели дека „проповедаат насилство и религиозно мракобесие“ (?!) а солистот Ози Озборн го залупаа како „класичен пример за нарушено психичко здравје“. 

Видео есеј за тоа како видео есеите знаат да те мамат

Многу е лесно, не се што ќе видите спакувано како видео е точно, има и такви што лажат или па не се доволно информирани или па и двете. Нормално има поштени и објективни. Само треба да бидеш претпазлив во што веруваш и со какви линкови ги замараш блиските, вклучително и ова видео.

Не бе, на тебе не ти го бива кираџијата

Американски сопственици на стан / куќа, влегуваат во својот објект некое време откако им го снемува кираџијата. Не е мртов, само не знаат дали е во болница или на некаков, каков било, вид лечење.

Како изгледа најефикасното аеродромско обезбедување на светот

Нормално од Израел е, од меѓународниот аеродром во Тел Авив, и функционира на повисоко ниво од сè останато во светот. Освен технологија стандардно присутна во сите аеродроми, системот доминантно се базира на вонредно добро обучен кадар.

Што е следно за камерата во телефонот?

Длабочини, просторно мапирање, уфрлување виртуелни објекти во стварноста и интеракција со нив. Со други зборови, ќе одиш како будала и ќе ја шамараш рибата.

Кафе што дрма

12 тона заплениле ама три тона веќе отишле на пазарот. Субстандардно кафе, кое, за да изгледа попривлечно, го потемнувале со црн прашок добиен од - стари батерии. Размислувајте позитивно. Или негативно.

Што направија со зградава?

Најчесто се чекаат пари за да се продолжи со градењето, ама од време на време мајсторите просто имаат попаметна работа.

Оди фати му го крајот

Да се разбереме, во магија не веруваме, па ни во чуда, и тоа е многу проблем кога ќе ти се појави видео со ваква магија или чудо. Ама па барем цело жири им е извадено од памет, не сме само ние.

Дај да видиме што имаме да научиме од Амстердам за правење град за точаци

Амстердам имаше толку успех во префрлање на луѓето од четири на две тркала, што велосипедските патеки и премини речиси им се затнати, проблем што ги натера целото планирање околу патеките и проточноста да го кренат на сосема ново ниво.

ТЕД икс видео за сè што ве интересира за кафе

За добар дел од сè што е вон САД е крајно иритантно што Американците некако се наместија да бидат глобалниот авторитет за кафе, посебно што нивниот придонес кон светската кафе гастрономија е налик измиеното кафе од филтер. Без да исправаме историски неправди, дај да го чуеме Американецов што има да каже за кафе.

Од времето кога Британците отворено можеа да презираат други народи

Ако има нешто што авторов повеќе не го поднесува од Британија и нејзиното понашање низ свет, тогаш тоа е Белизе. Инаку, репортажата е британска, раситичка од запрепастувачки размери дури и за времето во кое е снимана (околу 1970-те), а тема е Белизе некаде во времето пред да се отараси од британска колонијална власт (што во реалност никогаш не се случува и Британија и ден денес има свои единици распоредени во земјата).

Зошто те боли глава?

Да не биде дека сме бесчувствителни на твоите лични проблеми, ама прашањето е општо. Одговорот исто така е општ - уште не сме скроз сигурни.

Фејсбук и Гугл стално слушаат

Дури и во Скопје има луѓе кои се колнат дека на големите интернет платформи (Фејсбук, Јутјуб, Гугл), одеднаш почнале да им се прикажуваат реклами баш за оние работи за кои претходно само муабетеле со свои пријатели. Видео тест на таа тема.