Музика

Хеј хо! Еве ги Ласт Експедишн!

По кратка пауза од 20 и кусур години, еве ти ги нив со нова песна. Па уште и добра, јака, асфалтна, како некогаш. Го зачувале стариот оган, уиграни како што ги памтиме. Енко ја гони песната во галоп, Сецко не ѝ дава да мрдне ни лево ни десно. Дечки, има да се рокаат газови на ова во живо!

Каква музика сме си нашле

Марко, Ирина, Олена и Нина. Се викаат ДахаБраха (отприлика Натиго/Дајмиго), доаѓаат од Киев и својата музика ја дефинираат како етно-хаос. И тоа каков хаос! Одамна некој вака не нè запрепастил. Урнебесно интересно.

Ритамот е и во она празното

Легендарната Шила (од бандата на Принц) и легендарниот Кoпланд (од Полис) си кажуваат гачки за ритамот, особено фанк ритамот. „Го обликуваш воздухот меѓу ударите,“ вика Копланд. „Важно е да знаеш кога да не удриш“, вика Шила.

Трибјут концерт за Крис Корнел

Во Форум во Инглвуд, ЛА, деновиве се собра жестока екипа за да му оддадат слава и пар почесни акорди на човекот во чиј глас, распослан во четири октави, чудесно се мешаа свила и шмиргла. „I Am The Highway“ се викаше концерот и собравме пар свирки и фотки од него.

Рокбастерс: Вистината за „Smells Like Teen Spirit“

На веќе неколку генерации, ова од Нирвана од прва им асоцира на младешкиот дух, неговото бунтовништво, отпорот кон капиталистичкиот и конзумеристички свет, итн, итн. Ох, иронијо. Во коренот на песната стои парфем за тинејџерки при што Кобејн нема абер за тоа. А откако „Тин Спирит“ станува мега хит, парфемот почнува да се продава како алва. Капитализaм, многу заебана институција. 

Мешап на денот: Обединети Поп Држави 2018

Најголемите поп хитови во Америка во 2018 година, вешто скоцкани во еден мешап на DJ Earworm. Во песната има 25 ставки, ние успеавме да препознаеме 5. Проверете сами колку сте среќно неупатени во она што се слуува на големата сцена.

Жал за (британската) Деспина

„I cannot believe this is the end (oh no). I still feel your love inside me. I still sing your words. I make a wish as your star falls...“ Ако мислите дека се ова стихови од некоја лигушка љубовна песна, точно е. Само што овде субјектот не е девојка, дечко или трансџендер, туку факинг Велика Британија и нејзината одлука да излезе од романтичната врска со ЕУ.

Носталгија по интернетот од 2004

Пред точно 14 години на интернет осамна „Нума, нума“ едно од оригиналните вирални видеа (што е посебен подвиг во време кога Јутјуб се уште не постои). Додека содржината му е чиста идиотштина, она што е дражесто околу него е што потсетува на времиња кога немаше семоќни социјални мрежи кои го следат и продаваат секој твој клик и интерес, кога деновите не ги минуваш зјапајќи во екранот на мобилниот, и кога технологијата беше само алатка а не зависност.

Божиќна песна на ромски

„Jingle Bells“ отпеана на ромски, сосе трилерчиња, сосе сликички од преубави деца. Чујте ја песната и кога ќе ги видите на раскрсница да бришат шофершајбна, или на маса да ви продаваат жижици, дајте некој денар и прашајте се „Do they know it's Christmas time?“

Пцовка ако не те разигра

Позамашна збирка сочни филмски навреди и пцовки, вешто накалемени на една разиграна денс матрица. Оф, оф, фак офф.

Од Маргарита со љубов: Командант Сава

Да не бевме заколнати на вечна верност кон НАТО и на ексклузивна љубов кон западните вредности, ова ќе нè дирнеше во срце. Песната некогаш масовно се имаа пеено по работни акции на покојната Југославија, посветена е на легендарниот партизански командант Сава Ковачевиќ, а словенските браќа од Украина некако се сетиле па предводени од прекрасната Маргарита Мелешко, пакосно нè потсетуваат како беше да се имаат луѓе кои вредат да се слават.

Босанска верзија на Бела Чао

Саз, хармоника, виолина, сето тоа склопено од врвниот босански зналац Дамир Имамовиќ и ете ја старата италијанска партизанска песна, со севдах во неа.

Кој ја зезна музиката

Френк Запа тврдеше дека за музиката подобри беа старите дебели директори на музички куќи кои држеа пура во уста и ништо не разбираа отколку оние кои подоцна дојдоа на нивно место, млади и паметни хипстерски директори кои знаат сè.

Еволуцијата на гитарата, без гитара

Дузина опасни гитарски песни, отсвирени без ронка гитара. Само клавијатуруи, тапани и бас.

Баба Наталија, пијано

Фасцинантна е не само возраста (84 години) и умешноста на тие години да се свири така, туку и фактот дека она што го свири Наталија Треилинг на улица во Мелбурн е она што во тој момент го создава. Композиција која не била свирена никогаш порано и никогаш после тоа.

Боемска рапсодија во 42 стила

Можеби дечкото не го скинал баш секој глас идеално ама стиловите се погодени. Плус 42 се, да му се невиди, тоа треба да ти текне ем после да се изработи.

Џордан Питерсон хип хоп микс

Чујте го вие ова! 43 минутен добро скоцкан микс со говори и поенти од фамозниот Џордан Питерсон. Мешапот функционира толку добро (ма што добро, одлично!) што некогаш имате чувство дека ги слушате FSOL а некогаш Тhe Disposable Heroes of Hiphoprisy. Дали тоа е на повидок нов жанр? Селф хелп хоп?

Севдах со кауција

Група Холанѓани од театарската трупа Ештон брадерс, во емисија на РТЛ ја изведуваат севдалинката „Јутрос ми је ружа процветала“. И не може а да не помислите како ли тек ќе звучеа ако и Зоран Маџиров им се придружеше.

Том и Џери во живо

Петмина завршени студенти на музичкиот конзерваториум во Прага, за бисот на нивниот дипломски концерт, решаваат да изведат тема од Том и Џери. Синхронизирана со цртаниот.

Боемска неподносија

Легендата вели дека на денот кога испушташе душа (24 ноември 1991), Фреди Меркјури го има посетено небесен пратеник со непристоен предлог: ќе му го продолжи животот ако успее до крај да ислуша една негова песна. Фреди се израдувал. Фреди беше наивен.

Рехабилитација на „Бела чао“

Том Вејтс е во нова песна првпат после две години. Му гостува на својот дологодишен соработник, гитаристот Марк Рибо, кој неодамна имаше баш убав концерт во Скопје. Ја плетат старата добра химна на италијанските партизани „Бела чао“, онаа која малку ни ја огадија фејкерите кои со неа на своите медени усни го крчеа својот пат кон државното ухлебување. За среќа, можеме да бидеме сигурни дека Вејтс и Рибо не го прават ова за да бидат пиарџии во новиот состав на Белата куќа.

Битлси перфектно опишаа Македонец

Или па сме ние побудалени па во сè го гледаме локалното лудило, збунетоста и бесмислата кои веќе не знаеме ни да ги опишеме (без пцовки). Инаку, се работи за “Nowhere Man“, ја знаете, само да ја чуете сосе текст.

Војко В а не Кање В

Вуду Попај на времето знаеше да освежи со некоја неочекувана рима и стиховен пресврт потег ама Војко В. е 5 пути од тоа. Војко побарал 150 грама мортадела, тетката исекла ама испаднало 160, го прашала дали може, а Војко ѝ рекол: НЕ МОЖЕ! Од Рејџ до сега немаме слушнато така јасен отпор на системот. Струшки вечери на поезијата, се разбираме ли за следната година?  

Горилаз на дугметара

Ако има поука од видеово тоа е дека тоа „хармоникашката фаца“ сама ќе ти се појави кога ќе ја фатиш дугметарата без разлика дали си ја свирел Feel good inc. или Влајна.