Порторож. За некого само име на приморски град некаде на Јадранот, за мене цела книга испомешана од убави спомени, доживувања, незаборавни предавања, бескрајни дружби. Кога Полона пред година дена ми најави “Го враќаме Голден Драм во Порторож!”, ми се врати целиот филм. Супер дека после две години повторно се враќаме на “местото на злосторот”. И така треба, ова е 25 издание на рекламниот фестивал Голден Драм, јубилеј, редно е да се одбележи и одржи во родното му место. Голден Драм му припаѓа на Порторож, природно е тоа и не оди едно без друго. Она двегодишно отсуство од Порторож и селење во Љубљана не беше многу умен потег, тоа му доаѓа исто како да се обидеш Охридскиот маратон да го преселиш во Скопје.
Како и сите претходни години, во Порторож пристигнувам еден ден порано и пред званичниот старт на фестивалот. Сакам да сум тука пред сите, во мир да видам како изгледа фоајето, како е брендирано, да ги набљудувам забрзаните луѓе од организација како нешто местат, носат, поставуваат. Убаво е тоа чуство на исчекување, тој мирис на ново, неотпакувано, мирисот на хотелот, воопшто целата претфестивалска атмосфера измешана со мирот и спокојот на есента во Порторож. Секако Полона ме пречекува пред хотелот, таа е задолжена за посебните гости и пријатели на Голден Драм, срдечно се гушкаме, ми ги дава акредитациите и набрзинка ми вели “ Драго ми е што стигна, ти веќе овде се знаеш кој е и каде е, се гледаме деновиве, тука сме.....а да, и не заборавај, амбасадорски ручек во еден часот, во четврток, доаѓаш, нели?”
“Да, да обавезно” одговарам по инерција, иако знам дека до четврток има еден куп настани и случувања, така да го оставам тоа настрана.
Забележувам дека веќе сè е подготвено за фестивалот, се уредуваат ситниците и просторот. Излегувам на терасата од хотелот, пристигнати се и останатите од организацијата. Сè е некако мирно, но во исчекување на утрешниот почеток. Некој ми мафта од едниот крај, тоа е Мојца, директорка на фестивалот. Убаво си поразговаравме, вели дека е задоволна од бројот на учесници и трудови и дека повторно сме во Порторож. Очекува околу 800 гости.
“Па тоа е доста помалку од златните двеиљадити кога имало и до 2000 луѓе, но сепак во ова време и околности, доволно” – помислувам, но не ѝ кажувам да не ѝ го намалам ентизујазмот. Посебно е задоволна од жирито, со кое претседаваше нашиот Душан Дракалски.
“Дуле је звероу, фантастичноу је како је радио са жиријем” – ми вели на мешавина од словенечко-српски помеѓу две поздравувања со другите членови на жирито.
Ма знам, мене ли ќе ми кажуваш, си мислам во себе, па го знам наш Дуле уште од пред 20 години кога доаѓавме овде како изгубени Германци т.е Македонци. Со години сме присуствувале, сме учеле, сме црпеле знаење и краделе идеи, и со напорна работа Дуле и New Moment станаа агенција на годината во 2013. Сега сосема заслужено е претседател на жири. И член на Галеријата на славните на Голден Драм. Секоја чест.
Среда сабајле, фестивалот е официјално отворен. Многу луѓе, метеж, се мешаат разни јазици, редици пред рецепција за подигање на беџови. Отворањето е во 12 часот со разговор помеѓу двата претседатели на жиријата, нашиот Дуле и Адриан Ботан, глобален креативен директор во Mccann и модераторот. Салата полна, Дуле смирен, флегматичен но интересен во својата опсервација на претходните 25 години на Голден драм. Се нафрлаат разни идеи, мислења, ставови како креативноста влијае на адвертајзингот, со заедничка поента дека овој фестивал им ги отворил вратите на светската сцена. И не само на нив, туку и на безброј други креативци. Треба да се споредуваме со светот, за да видиме до кај сме, а Голден Драм го овозможува токму тоа.
Предавањата продолжуваат без пауза, но колку што има луѓе во салата, дупло повеќе се надвор. Порторож е волшебен во есен, топол и тивок, па учесниците се повеќе време на терасата од хотелот, тука се дружат, разменуваат мислења и контакти, журкаат. Постојано има некакви промоции и се нудат разноразни работи, има и happy hour па не е лесно сето тоа да се издржи. Плус вечерта има и забава по повод отварањето, треба сили и за тоа.
Вториот ден од фестивалот е резервиран за овогодинешната ѕвезда на фестивалот - г-дин Хегарти. Сир Џон Хегарти. Легенда. Основач на Bartle Bogle Hegarty агенција. Сега пензионер на свои 70 и кусур години, но сè уште активен по разноразни фестивали. Во слободно време си прави свое вино во Франција. Го понуди на фестивалот, не беше лошо. Нормално салата полна, тој во друштво со уште една легенда Мајкл Конрад (поранешен глобален креативен директор во Лео Бурнет) опуштено разговараат за најуспешните кампањи на Levi`s од 70те години до денес, креирани од Сир Џон. Рај за очи, милина за уши. Толку едноставно, јасно, прецизно објаснета целата идеја и проектот позади одреден спот, просто да не поверуваш дека и кај еден таков светски бренд и светска агенција важат истите односи, истите правила, истата мантра како и кај нас овде. И таму се невозможни рокови, брифови во стил “да се види логото”, мешање на клиентот во сè и сешто.... сепак е светот изгледа едно големо село, а амбицијата и менталитетот кај луѓето секаде исти, без разлика каде си и за кого работиш.
Пауза, ми приоѓа Влад, рускиот амбасадор за Голден драм, интересен лик. Новинар, копирајтер, писател, сè во едно. “Grande Russian poeto”, така го викаат на шега. Долги години е на фестивалов, ги памети и добрите и лошите моменти. Видно љубопитен ме прашува дали е вистина дека оваа година Македонија има зголемување од 600% на пријавени трудови?!
“600 %?!” – збунет од оваа бројка, му го возвраќам прашањето да не не сме се разбрале можеби.
“Да, да, 600 %...еве пишува во билтенот дека сте рекордери оваа година во спорeдба со лани” – ми го покажува натписот, испишан како неверојатен, „верували или не“ податок. За миг ми проаѓа ланскиот фестивал низ глава и нашето учество, додека во истиот момент Влад ме прашува “па колку трудови имавте лани, за да сега имате зголемување од 600%?”.
Малку збунето, повеќе срамежливо но со “победнички” став му одговарам:
“ Еден”.
“ Еден!!” – викнав гласно, бидејќи изгледаше како да не ме чул или разбрал. Неколку секунди тишина и обајцата праснуваме во громогласна и искрена смеа. Несакајќи си ја повторивме основната лекција на адвертајзингот - манипулацијата, односно подобро кажи зголемување 600 посто него ситни бројки од 1 на 6 скромни труда годинава.
13 часот е, се чекаме пред хотелот организирано да одиме на амбасадорскиот ручек. Тоа е традиција на Голден Драм, еден неформален состанок во вид на ручек, каде покрај нас неколкуте амбасадори, доаѓаат и други видни гости на фестивалот. Повеќе е настан отколку обичен ручек и е оставштина од златните години на адвертајзингот и Голден Драм, кога сè беше богато, скапо, гламорузно. Почнува со говор на директорот, секој ќе додаде некое свое мислење, некој ќе дофрли нешто, и така сите искезени и со чашите шампањ ќе си седнеме на масата. Секогаш нè има околу 20-тина, се збори за фестивалов што и како сега и понатаму, а во суштина само добро се дружиме а богами и добро јаде. Тоа се оние јадење каде незнаеш што е јадење а што декорација, креативно сервирани во малечки порции со лупа да ги бараш. Се служат скапи вина, ти глумиш ноншалантност, а у ствари скришум го следиш тој до тебе како се јадат овие чудеса за да не се обрукаш, нели, ама кога ќе го фатиш како тој си мацка со лебчето од тањирот и ич не се секира, гледаш дека и тој “скршил џам”. Се редат јадења, едно, две, пет, па десерт, нема крај. Се води опуштен разговор, и чудно е чуството кога и од вакви светски признати фаци ќе чуеш за ситни проблеми за кои мислиш дека само ти и само овде ги имаш. Дека клиентот не ги третирал како партнер туку како сервис, или дека им дал невозможно краток рок. И дека буџетите се сè помали и помали. Но и тоа дека му се јавил клиентот за време на одмор и овој го... бииип, сеа па не смеам сè да откривам...
“Лета” времето овде. Разни предавања, проекции на разноразни реклами, поставки со дизајни за производи и промо материјали, клиенти кои со креативни штандови и гратис услуги ти го привлекуваат вниманието, има и бесплатно кафе за кое треба да напишеш кратка порака која потоа на друг штанд ти ја претвораат во песна. И покрај сето тоа и плус забави навечер. Не се тоа оние луди забави од пред десетина години, кога во една вечер имаше по три, четири журки одеднаш со по илјадници луѓе, сега е повеќе како збиранка, но сепак богато со многу гага пиење и јадење. Вечерва е тематска забава со наслов “ Wild, wild east” и поднаслов “ Тhere is no fun like in Balkan”. Стара, добра, неисцрпна тема за таканаречена балканска гостопримливост и луда забава. Покрај разни вина и пијалоци, и не толку разновидни јадења, главна понуда беше српска сливовица и грчка Метакса. Уф, српска и грчка пијачка заедно на еден шанк, а македонска нема, е тоа е како создадено за шеги со разни теории на заговор, задевање за божемни заткулисни игри, добродушно подбивање на оваа наша вечна тема. И нормално како секој индоктриниран (да не кажам отруен) со политика Македонец, и јас тука видов една “голема” но не баш смислена провокација. Па забога како може да има сливовица и Метакса, а да нема македонска лозова ракија или мастика? И падна договор, догодина јас лично ставам пакет или два, зависно колку можам, мастика на рамо и им ја носам на фестивалот, па да видиме кој ќе пие метакса а кој мастика... и така до доцна во ноќта се испи и сливовицата и метаксата, па се прејде и на словачка крушковача и унгарска вотка со пиперка, сè се испомеша и продолжи забавата до рано сабајле, а утре повторно нè чекаат предавањата по ист распоред и темпо.
Петок, последен ден и доделување на наградите. Најбитниот настан на целиот фестивал. Сè се врти околу тоа, кој ќе биде награден, кој ќе земе злато а кој сребро, која ќе биде Агенција на годината? Сите само за тоа зборуваат. Прво сме на еден мал коктел, и доделувањето започнува околу 21 часот. Се качија на говорницата сите што треба по ред, се обрати и градоначалникот на Пиран (Порторож потпаѓа под општина Пиран) кој е симпатична и интересна личност, меѓу другото и затоа што е црнец кој студирал и останал во Словенија, и е единствен црн градоначалник во регионов, ако не и пошироко. Се редеа награди, има премногу категории и за секоја има второ и прво место. И тоа трае и трае. Секоја година е иста песна. Ги гледаш трудовите и за жал ти преовладува чувството дека повеќето трудови не ги исполнуваат условите да учествуваат на фестивал, односно се ghost реклами ( ghost се нарекуваат реклами кои не се одобрени од клиент и никогаш не се реализирани ниту емитувани јавно, а пак одобрување од клиент и јавно емитување е основен услов за да се натпреваруваш на фестивал) и како такви се создадени исклучиво за фестивалска употреба, за жал не виделе ни “к” од клиент ниту пак се емитувани некаде. Сепак се се тоа одлично средени и подготвени трудови, поткрепени со бројки и податоци кои никој жив неможе да ги следи, а не пак да ги разбере. Има тука врвни идеи, перфектни изработки и креативност до максимум, ама чувството од погоре си останува. И така после два и повеќе часа доделувања награди, званично заврши и овој фестивал.
McCann Романија е агенција на годината, ако некој воопшто го запомни тоа после толку многу разделени признанија и награди. Забавата потоа е во чест на победниците и е само завршна сметка и последно збирание. Малку луѓе се присутни, сите се веќе заморени од тридневново лудо темпо. Наградените слават, останатите помалку нерасположени, но убедени дека догодина ќе биде подобро. Како што и јас сум убеден дека и на Голден Драм ќе му “тргне” на подобро по неколку кризни години....И да, во златните времиња фестивалот завршуваше со голем огномет над морето, за жал тоа веќе одамна го нема. Како што ги нема и некои од “големите адвертајзинг фаци” кои знаеа да навратат, но сега се други времиња со нови идоли и узори. Сега и тие се на далечина, се е дигитално, на брзање и на дофат на рака. Никој никого не слуша, се нема време за внимателно следење на настаните и впивање на секој збор. Но тоа е друга тема, другпат...Сепак на крај на денот едно нешто е најбитно. Голден Драм е повторно во Порторож, и убаво е тоа чувство. Како нему, така и на сите нас ни е најубаво дома.
Андреј Павловски
Амбасадор на Golden Drum за Македонија