Театарска лектира за изолација: Радован Трети

Кој ја гледал, да си го обнови материјалот и репликите. Кој пак не ја гледал, сега е време да го фати возот. Животот може да се проживее и без гледање на оваа претстава, ама па, глупо е.

Радован Трети е приказна за човек од „стариот крај“ закован на својот 12-ти спрат во еден градски небодер. Приказна за човек кој се нема снајдено, кој кука по својот завичај ама назад не смее бидејќи има зезнато некои луѓе. Така забарикадиран (како ние во изолација), му останува само да се мачи себе а уште повеќе неговите, а неговото лудило може слободно да се размавне во сите правци, фокусирано на најлутите непријатели - комшиите Вилотиќ.

Извонредниот текст е на Душан Ковачевиќ, а режијата на Драгољуб Муци Драшкиќ. Режисерскиот потпис овде е најмалку битен бидејќи Радован Трети под свое го зема неповторливиот Зоран Радмиловиќ кој од претставата прави жив споменик на себе и на својот бравурозен и експлозивен актерски талент.

Ликови, според описот на Душан Ковачевиќ:

Радован Трети - човек од стариот крај, кој по разни околности е пензиониран во 30-тата година од својот живот. Има работено многу малку, ама затоа има упропастено исклучително многу.

Руменка (Ру Станиславс) - жената на Радован, негова животна креаторка, сопатник и предавник.

Георгина - постарата ќерка на Радован, негова долгогодишна болка.

Катица- помладата ќерка на Радован. Радован сакаше машко а оно - женско: возач на интерконтинентален камион ладилник.

Станислав - татко на Руменка.

Јеленче - заробеник на Радован, од фамилијата на мрските Вилотиќи. Да не е таков каков што е, би бил поет онаков каков што не е.

Келнерот - пријател на Радован беше, па зет беше, па на крај ништо не беше.

Василије - се вмешува во животот на Радован бидејќи е брат на Станислав. Долги години живеел како покојник.

Претставата Радован Трети во белградско Атеље 212 е играна точно 299 пати, колку што Зоран Радмиловиќ беше на нозе. Била одложена само еднаш, кога цела екипа биле пијани. Ова овде е јубилејната 250 претстава, таман кога Радмиловиќ станува таков - и диригент и солист - што другите во сцената си седнуваат на столче, за и тие со гушт да ги ислушаат неговите ненадминати тиради.

20 април 2020 - 11:39