Слатко-лута мусака

Несекојдневна и ултра вкусна!

Потребни состојки:

  • млади компири
  • мелено мисиркино месо
  • кромид
  • лук
  • доматен сос
  • свит чили сос
  • 3 јајца
  • млеко

Мислам дека не постои некој што не јадел мусака. Мене ова ми е јадење на детството, почнувајќи од менито на мојата градинка, па забавиште, па целодневна и нормално бар еден ден од неделата во домашна атмосфера. Ви текнува како се служеше во градинка, во онакви метални тањирчиња со рачки од страна за нешто во потечна состојба, како на пример ќофтиња во бел сос (не сакам ни да знам од што го правеле сосот) и мусака во рамно и плитко, а ла индијанка во Апче.

Е сега, оваа мусака за да биде малку необична, а и да се вклопи во денешново време (демек модерно) ја направив со мисиркино месо и со многу свит чили сос.

Верувајте дека ќе јадете мусака а нема да сте свесни за тоа. А некогаш е најубаво човек да е несвесно среќен.

Чекори за подготовка:

  1. Во тава на маслиново масло запржете го кромидот, пола главица, мала. Не многу, само колку да омекне и додадете го лукот, едно до две чешниња. Додадете го меленото месо и промешајте. Месото во грамажа треба да биде околу 500гр. 

  2. Нема да го пржите месото како за стандард мусака, онака тврдо да стане, само колку да ја промени бојата. Додадете многу свит чили сос и убаво промешајте.

  3. Самото месо ќе пушти малку вода. Ќе пропржувате додека не испари малце, но не цела. 

  4. Понатаму постапката ја знаете. Во тава, ред исецкани компири, ред месо. 

  5. Така додека не потрошите све и ја ставате во загреана рерна на 180 степени. Печете 40-45 мин. 

  6. По 45 минути извадете ги и полијте ги со смеса направена од 3 матени јајца и една шоља млеко. 

  7. Вратете ја на печење уште 20-30 мин. Откако ќе ја извадите оставете ја малку да здивне, пресечете ја на еднакви парчиња и послужете. 

За служење:

Изрендајте пармезан, ставете топка павлака и лут сос. Аух, нема да престанете да јадете!
16 март 2016 - 11:10