Девојчето кое ѝ плетело плетенки на Курникова е сензационален победник на Австралија Опен

„Пред некое време никој не знаеше за мене, а сега телефонот не престанува да ми ѕвони“, вели новата шампионка на Австралија Опен која беше една од најанонимните тенисерки на овогодинешниот турнир.

„Како е вашето право име: Софија или Соња?“, ја прашале Софија Кенин во студиото на Tennis Channel минатата пролет, а таа објаснила дека во Русија каде што е родена, тоа е едно исто име: „Соња на руски е нагалено од Софија“.

Кенин е родена во Москва на 14 ноември 1998 година. Нејзините родители Александар и Лена се преселиле во САД многу долго пред таа да се роди. Тие уште одамна, во 1987-ма го напуштиле Советскиот Сојуз но се вратиле во Русија пред раѓањето на Софија за да добијат помош од нивните родители во нејзиното растење.

Мајка ѝ работела како медицинска сестра во Советски Сојуз и немале доволно пари кога отишле во Америка.

После пар години тие од Москва повторно одат во Америка, на Флорида, во земјата каде „родителите ѝ дозволиле да го сонува сонот“, како што вели младата Кенин. 

„Моите ми раскажуваа дека како мала отсекогаш сум играла со топче, а не со Барби. Кога првпат сум дошла на тениски терен, веднаш виделе дека не сум како другите, дека има некој талент“, раскажува Кенин, сензационалната победничка на Австралија Опен 2020.

Кенин на 5 години одела со татко ѝ на тенис, тој играл на аматерско ниво. Набрзо откако го приметиле нејзиниот талент, ја пратиле кај Рик Маки, тренерот кој ги израснал и сестрите Вилијамс, Шарапова и Енди Родик. Уште тогаш Александар Кенин ѝ направил личен сајт на ќерка му каде раскажувал сè за нејзиниот развој.

„Софи тогаш беше повеќе позната отколку денес“, рекол Александар Кенин минатата година.

Благодарение на нејзиниот талент и упорноста на татко ѝ, Кенин брзо влегла во тениските кругови на Флорида. На 7 години станала ѕвезда на еден јуниорски турнир во Мајами каде во публиката била Ким Клајстерс.

Во академијата на Маки ја запознала и Курникова, нејзин голем идол.

Во 2007 година кога Соња Софија Кенин имала 8 години, весникот на Професионалната тениска асоцијација на САД (USPTA) ја ставил на насловна страна.

****

Подоцна Кенин работела со Ник Болетиери и Роберт Ленсдорп - тргнала по патот на една друга русокоса руска тенисерка која дошла од Русија на Флорида за да игра тенис - Марија Шарапова, една од најголемите тенисерки на сите времиња која и била идол на Софија.

Во 2014 година малата Кенин го освоила јуниорскиот ФЕД Куп со репрезентацијата на САД и елитниот Orange Bowl.

Од 2015-та тренирала само со татко и и добила wild card за главната ждрепка на US Open кој станал нејзин дебитантски на WTA професионално ниво. Таму изгубила во прво коло но на јуниорскиот турнир стигнала до финале.

Таа вели дека уште од мала најголема желба и била еден ден да стане број 1 во женскиот тенис. Но малку е познато дека до 2018-та година таа играла претежно аматерски турнири и добила тениска стипендија од Универзитетот во Мјами.

Во септември 2017-та се сретнала со нејзиниот идол Марија Шарапова, во 3. коло од US Open и иако изгубила, сфатила со што сака да се занимава во својот живот.

*****

Од тој меч со Шарапова, па наваму, Софија Кенин освоила 4 ITF титули, три WTA, влегла во топ 15, победила седум меча против противнички од Топ10, дебитирала за сениорската репрезентација на САД.

На нејзиното второ појавување на Ролан Гарос, Софија Кенин ја направи својата прва сензација во кариерата - со 6:2, 7:5 ја совлада големата шампионка Серена Вилијамс.

А во 2020-та година на неверојатен начин стигна до финалето на Австралија Опен откако совлада неколку ривалки од Топ10 меѓу кои и најдобрата тенисерка на светот, Ешли Барти.

Во мечот за шампионскиот пехар, преку мрежата ја имаше Гарбин Мугуруза, Шпанката која ги освои Вимблдон и Ролан Гарос и која беше голем фаворит.

Првиот сет го доби Мугуруза со 6:4, но Софија Кенин неочекувано се издигна и во следните два сета со неверојатно убедлива игра стигна до голем пресврт - ги освои 6:2, 6:2 и заслужено стана шампионка на Австралија Опен 2020.

Интересно, ова финале беше прво од 1979-та година во кое немаше тенисерка од Топ-10. Играа 15. тенисерка на светот Софија Кенин и 32-та на ранг листата Гарбин Мугуруза.

21-годишната Кенин стана најмлада финалистка на Австралија Опен после Ана Ивановиќ и Марија Шарапова во 2008-ма. Ова беше прво Гренд Слем финале за Кенин. Таа од понеделник ќе дебитира во Топ10 и ќе стане 7-ма тенисерка на светот, а најдобро пласирана Американка на ранг листата пред Серена Вилијамс.

Машкото финале меѓу Ѓоковиќ и Тим е закажано за недела во 9.30 часот.